Железничката линија Прилеп-Битола-Жабени ќе биде пуштена најдоцна до јуни годинава, а повратна карта ќе чини 150 денари, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски на денешната средба во Битола со Регионалните комори од двата града.
Според него, патниците на оваа релација ќе можат да се движат побрзо и да стигнуваат навреме.
Образложението е јасно: поради градежните работи на автопатот, комуникацијата на оваа делница е сериозно отежната, а патувањето низ околу 40 километри често се претвора во долги застои, нервоза и доцнења.
Дел од возилата веќе се пренасочуваат и по стариот регионален пат, што дополнително го продолжува патувањето. Наместо вообичаено движење меѓу двата града, дел од патниците сега губат и по еден час или повеќе на релативно кратка релација. Во такви околности, железничката врска се претставува како побрза и поевтина алтернатива.






