Ротари клуб Битола и оваа година, а сега веќе осум години посветено го организира “Кариерниот ден“, во соработка со средните училишта во Битола. Кариерниот ден е настан што им помага на младите да ја препознаат својата насока и храбро да чекорат кон неа.
Овој пат салата на кино “Манаки“ беше премала да ги собере сите заинтересирани млади битолчани. Тие имаа можност да слушнат и директно да разговараат со четворица инспиративни професионалци од нашиот град, кои ги споделија своите животни и кариерни приказни.
Разговорите ги модерираше претседателот на Ротари клуб Битола, Тони Дранговски, кој рече дека младите имаат прилика да слушаат четири различни приказни, четири различни патишта: од академијата, уметноста, претприемништвото и ИТ секторот, но сите со заедничка порака: верувај во себе и биди истраен.
Говорници беа Игор Неделковски, Ректор на УКЛО кој нагласи: “Кариерата е пат до среќата, а животот треба да се гради како рамностран тријаголник – здравје, љубов и финансиска стабилност.
Маја Андоновска, актерка во Народен театар Битола рече: Изберете да бидете свои. Изберете го она каде никогаш нема да се откажете. Не чекајте некој да ви даде главна улога – режирајте ја сами и имајте храброст да ја одиграте од почеток до крај.
Константин Џиланов, сопственик на “Marielli Cakes“ им порача на младите: Студирајте, но стекнувајте и практично искуство. Бидете храбри да започнете сопствен бизнис, активно слушајте и не плашете се да го следите она што го посакувате.
Анета Трајковска, IW Connect, како последен гофорник рече: Изберете го патот што го чувствувате со срце – тоа е најдобриот избор за вас.“
Кариерниот ден уште еднаш покажа дека кога младите имаат вистинска поддршка и инспирација, тие имаат моќ да создадат иднина каква што посакуваат.






