Press "Enter" to skip to content

Македонско хрватска вечер приреди хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ“

Во рамките на програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Битола, 4 Ноември, која оваа година е под насловот „Сите бои на сеќавањето“, се одржa концертот на македонски и хрватски автори, „Музика и слово“, во изведба на Маја Митровска, сопран и Јана Четелева Белевска, пијано. Настанот беше во организација на Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ Битола во соработка со КИЦ Офицерски дом и Општина Битола.Програмата беше составена од музички и поетски сегмент и беа застапени делата и композициите на: Трајко Прокопиев, Благој Цанев, Кирил Македонски, Тодор Скаловски, Давор Неќак, Иван Бркановиќ, Јосип Хатзе, Владимир Назор, Иван Горан Ковачиќ, Коле Неделковски, Владо Малески, Анте Поповски.

Преку соло-песни и оперски арии се презентираа разновидни стилски пристапи – од лирска исповедност и суптилна емоционалност до драмскиот израз на оперското творештво и инспирацијата од народната музичка традиција. Преку поезијата се отворија темите за човековата судбина, копнежот, љубовта, духовноста, сеќавањето и односот кон родниот крај. Спротивставувањето и надополнувањето на музичкиот и поетскиот израз создадоа содржински поврзана целина во која уметничката интерпретација стана средство за продлабочено доживување на зборот и музиката. Програмата имаше особено значење во контекстот на македонско-хрватските културни врски. Преку застапеноста на композитори и поети од двете средини, таа потсети на долгогодишните културни допири, заемните влијанија и можностите за современа уметничка соработка. Посебно место во програмата имаше аријата на Јана од операта „Гоце“ од Кирил Македонски, кое дело е значаен пример на македонското оперско творештво и на неговиот придонес во обликувањето на националниот музички идентитет, како и праизведбата на соло песната „Трговец” на Давор Неќак.МХД Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола повеќе од три децении активно придонесува за развојот на културните врски меѓу Република Македонија и Република Хрватска.Основната мисија на Центарот е промоција на хрватската култура, уметност, јазик и традиција во Македонија, како и претставување и афирмација на македонската култура пред хрватската публика. Преку својата работа, Центарот воспоставува културни мостови меѓу двете земји, поттикнува меѓусебно разбирање и почитување и создава можности за соработка меѓу уметници, културни институции, театри, фолклорни ансамбли и други културни организации.Маја Митровска е оперска пејачка и професорка по соло пеење, со долгогодишно искуство во изведувачка и педагошката дејност. Дипломирала и магистрирала на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Република Бугарија, во класата на оперската пејачка проф. д-р Иванка Нинова. Своето понатамошно професионално усовршување го продолжила во Оперското студио на познатата оперска пејачка Оливера Милјаковиќ во Виена, Австрија.

Јана Четелева Белевска е родена во Битола, каде го започна своето музичко образование во класата на Маргарита Татарчевска. Дипломира во Софиската музичка академија ” Панчо Владигеров” во класата на Антон и Елена Дикови. Магистерските студии ги завршува со целосна стипендија во Америка на Универзитетот на Јужна Флорида во класата на проф. Светозар Иванов, каде и работеше како асистент по пијано на факултетот за музичка уметност.

More from КултураMore posts in Култура »