Press "Enter" to skip to content

Прес-конференција на градоначалникот Коњановски: од транформаторот до булеварскиот влез

Градоначалникот на Битола – Тони Коњановски одржаа прес конференција на која зборуваше за неколку работи што се од интерес на јавноста и информира за проектите кои се реализираат во нашиот град, објективните состојби на терен, а не за нечии субјективни гледања на работите, односно политичките памфлети.

-Настрана од било каква дневна политика, многупати досега сум нагласил, дека јас сум градоначалник на сите граѓани, а оваа локална самоуправа ја претставува Генерација која гради, генерација која ја врати Битола на мапата на Македонија, генерација која гради автопат за Битола, која има јасна визија: да не ја пропушти можноста да придононесе нешто за својот град, со посветена работа.

Секако дека таа работа, не може секогаш да биде совршена и тековно се појавуваат проблеми. Но секогаш сме доблесни да се извиниме, да се корегираме, да ги решиме проблемите и да продолжиме со работа. Ако погледнеме наназад, фактите потврдуваат дека во Битола, од 2014 година, не се градело толку, колку што е изградено во последните пет
години. Бевме сведоци на енергетска и економска криза од пред неколку години, а за жал сега повторно се соочуваме со таква криза која е на светско ниво, а не регионално или локално. Тоа не е оправдување и нема да биде пречка да продолжиме со работа. Ја имаме целосната поддршката од Владата, а таа со свои мерки во континуитет како никогаш до сега ја поддржува локалната самоуправа и оваа прилика ја користам лично да се заблагодарам и на премиерот Христијан Мицкоски и на министерствата кои го овозможија тоа.

ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ СЕУШТЕ ИМА, НО ВЕЌЕ СЕ ОТВОРААТ НОВИТЕ КАПАЦИТЕТИ

Долгите листи на чекање во детските градинки се долгогодишен проблем во Општина Битола. Од една страна мило ми е што успеавме да ја доуредиме и ставиме во функција детската градинка во Домот за доенчиња и мали деца, каде овозможиме згрижување на 70 деца и таа функционира. Од друга страна жал ми е што поради состојбата во која ги затекнавме останатите две други нови градинки на крајот на 2021 година со нашето доаѓање, истите не можевме веднаш да ги ставиме во функција. И да, дел од тие деца кои беа на листа на чекање, денес веќе се ученици и немаат потреба од детска градинка, но факт е дека во двете централни детски градинки, на листата на чекање и во овој момент има во едната установа 478 деца, а во другата 397 деца, иако вкупниот број на запишани деца е 1632 деца.

Добро е што имаме млади, нови генерации кои имаат потреба од вакви установи. Тоа значи дека тоа што не се направило досега, не смее да не се направи никогаш. Ги интензивиравме постапките, дури и настојувавме на брзо решавање на проблемите кои не беа во директна наша надлежност. Денес, градинката во Нова Битола е завршена, а се работи на партерно уредување и по комплетното завршување на објектот и добивањето соголасност од Комисијата при Министерство за социјална политика, демографија и млади, ќе може да се пристапи кон обезбедување на персонал и ставање на градинката во функција. Градинката во Нова Битола има капацитет за згрижување на 153 деца и истата зафаќа површина од 810 м2.  Оваа градинка е проект на Министреството за социјална политика, демоградија и млади, почната во времето кога ова беше министерство за труд и социјална политика.

Што се однесува до градинката во АРМ, тука состојбата е следна: Тогашната локална самоуправа во 2021 година пред нашето доаѓање, во буџетот имаше предвидено средства за само една третина од проектот, а оваа локална самоправа ги обезбеди преостанатите две третини. Предвидениот капацитет за згрижување на деца во градинката во АРМ е 246 деца со 2024 м2 корисна површина. Но, каква е фактичката состојба во годините наназад: Најпрво беше склучен договор за „Изградба на детска градинка“ (карабина со надворешно застаклување) во 2020 година. Потоа тој договор беше раскинат во 2022 година поради барањето за евентуална измена од страна на економскиот оператор со што би се сменала економската рамнотежа на договорот за јавна набавка на начин што не беше предвиден во првичниот договор, па согласно ставот 5 од членот 119, Општина Битола како договорен орган е должна да спроведе нова постапка за јавна набавка. Значи беа побарувани средства кои не се вклопуваа во договорот.

Следно во 2022 година беше повторно објавена јавна набавка, кој беше поништена поради битни пропусти или недостатоци во тендерската документација. Потоа по повторно објавена јавна набавка во 2022 година е склучен договор со економски оператор за „Изградба на детска градинка“ (карабина со надворешно застаклување), како и јавна  набавка во 2023 година за „Изведба на дренажен систем за детска градинка“ Битола. Да појаснам, со самото наше доаѓање 2021 година почетокот на 2022 година градинката беше базен полн со вода.

Во 2024 година објавена е јавна набавка за „Изградба на детска градинка-Фаза 2“ која беше поништена поради пропусти и недостатоци во тендерската документација. Во истата година беше повторена истата постапка која повторно беше поништена поради добиена понуда со повисок износ од проценетата вредност. Во 2024 година по јавна набавка склучен е договор со економски оператор за „Изградба на детска градинка-Фаза 2“. Во моментот работите се во завршна фаза и се очекува до крајот на третиот квартал објектот да биде комплетно завршен. Со сите овие три објекти се намалува листата на чекање за згрижување на деца во детските градинки и инвестираме во иднината на нашите најмлади.

СРУ 5

Она што деновиве е во фокусот на јавноста е новата улица „СРУ5“, која ги поврзува „Партизанска“ со „Крушевска Република“. Викендов се бележеше и поставуваше хоризонталната и вертикалната сигнализација каде има и велосипедска патека која се поврзува со велопатеките на „Партизанска“. Да кажам дека оваа улица е од витално значење за градот, споменав спојување на две големи улици, а велосипедските патеки ќе овозможат  докомплетирање или вклучување во оној комплекс на велосипедски патеки од 4,5 км. Да напоменам дека до тогаш Битола немаше велосипедски патеки. Јавното претпријатие „Паркинзи“ работеше на поставување и бележење на хоризонталната и вертикалната сигнализација врз основа на одобрен сообраќаен проект за траен режим за оваа улица. Улицата се уште се работи и не е ставена во употреба.

Да појаснам дека планската документација и проектот се од пред 15 години, а трансформаторот кој таму се наоѓа е објект важен за напојување на спортската сала,  музејот, катастарот дел од ракометното игралиште и целото шеталиште. Во ниту еден момент не го оставивме трансформаторот како неважен сегмент, напротив, одлучивме да инвестираме, да градиме и сите предизвици да ги решаваме тековно, согласно расположливата документација. Во планската документација која е во сила, она што можеме да го видиме на терен во моментот е понуденото  решение за овој трансформатор, каде пешачката патека е предвидена да го заобиколи трансформаторот. Да кажам дека согласно ДУП и проектната документација, проектот го гледале планери и проектанти. Но, тука во непосредна близина, согласно планската документација има предвидени и нови градби и секако овој дел интензивно се шири, согласно планската документација изработена многу пред мојот мандат за градоначалник.

Имајќи ги предвид овие потреби за изградба на инфраструктура во поранешната касарна, но и во очекување на новите електрични автобуси кои ги очекуваме од Владата, а за кои ќе треба да се обезбеди соодветно електрично напојување, во овој момент одлучивме да инвестираме во улицата согласно затекнатата проектна документација, а согласно тоа и затекнатата во моментот моменталната поставеност на трансформаторот.

Имајќи го предвид интересот кој го предизвика овој проект, па можам да речам и потсмевот од одредени политички субјекти, имам обврска да ја информирам јавноста за овие детали, затоа што сметам дека подобро е да се инвестира и долгорочно да се планира, отколку ништо да не се работи и да се чека уште една година, а можеби и повеќе додека се добијат сите податоци за потребното дислоцирање на оваа трафостаница и поставувањето на нова со капацитет кој ќе одговара на потребите на постоечките околн објекти, како и новите планирани инвестиции кои се во директна поврзаност со овој објект.

Лично сметам дека во овој момент, трансформаторот освен можеби визуелно или естетски како сакате, функционално не претставува никаква пречка, улицата е изградена според проектна документација, како и воведениот режим на сообраќај. Координацијата со ЕВН е воспоставена во текот на целата изведба на проектот и очекувам дека за многу скоро и овие визуелни пречки во овој дел ќе бидат надминати, а Битола во исто време ќе има и улица и пешачки и влосипедски патеки во овој дел, но и непречено снабдување со електрична енергија на околните институции, објекти, како и соодветно напојување за новите електрични автобуси.  Нагласувам: ова се повеќе процеси кои се изведуваат паралелно, согласно закон.

ПРОТИВПОЖАРНА ЗГРАДА

Капитален проект, кој сметам дека заслужува медиумско внимание е новата противпожарна зграда која ја градиме во поранешната касарна, капитален проект за градот и модерни услови за работа на Територијалната противпожарна единица која е најстара во државата од 1836 година. И таа е една од убавите работи на кои работиме. За потсетување се неколку факти: на парцела од 3300 м2 со корисна површина од 1600 м2. Во првата фаза со пари од буџетот на општина Битола над 52 милиони денари, а во втората фаза со грант од министерството за одбрана на нашиот стратешки партнер САД, околу 1 милион евра продолжи изградбата. Битола добива нова модерна зграда на противпожарната единица, а постоечката ќе остане и натаму да работи. Ние градиме и ја менуваме Битола, онака како што заслужуваат граѓаните.

ВЛЕЗ ВО БИТОЛА

Како што споменав на почетокот, оваа локална самоуправа започна со реализација на уште еден капитален проект исполнет со многу предизвици, но од огромно значење за Битола – проект за булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп. Активности и капитален проект кој можеби никој немал храброст да го започне порано. И за овој проект имаше одредени обвинувања дека времените кружни текови ќе останат со години, без да се има предвид дека досега е направена реконструкција во должина од 840 метри. Булеварскиот влез нема да има времени елементи, туку тоа е времено решение до изведбата на фазата од „Лукоил“ до „Дулие“, по што ќе биде воведен траен режим на сообраќај со семафоризирани раскрсници, а со донесување на новиот ГУП ќе се овозможи изградба на 2 нови кружни текови. За делот кај влезот во Битола, каде што неодамна интервенираше Јавното претпријатие за државни патишта, во делот надвор од опфатот на Битола, надвор од ГУП, интервенираше Јавното претпријатие за државни патишта, иако не е во надлежност на општината, обезбедив информации дека завршија со санација на ударните дупки, а останатите површини ќе бидат санирани во следниот период. Значи општината не гребеше асфалт, тоа е во надлежност на Јавното претпријатие.

УЛИЦИ

Уште во мојот прв мандат најавив дека инфраструктурата има посебен акцент во моето работење и тоа граѓаните го бараат и го заслужуваат. Битола е град со старо градско јадро, со специфична инфраструктура, стара повеќе од 70 години затоа што голем дел улици не беа допрени со децении, немаше проектни документации и малку работа на терен. Денес, иако свесен за тоа дека се уште имаме многу предизвици во делот на уличната инфраструктура, интензивно се работи и сепак бележиме успех со изградени и реконструирани 53 километри патна инфраструктура, како во урбаниот така и во руралниот дел на општината. Ова се податоци кои никој не може да ги побие.

Деновиве имав доблест и се извинив за состојбата со улиците кои се во реконструција позади Здравствениот дом. Да напоменам се работи за комплекс од четири улици кои не се реконструирани повеќе од 75 години. Фактите се дека во април ланската година започна реконструкцијата  на улиците од овој регион, каде се работеше на реконструкцијата на водоводна мрежа и мешовитата канализациона мрежа со финансии од Министерството за транспорт. Реконструкцијата на постоечката коловозна конструкција и реконструкцијата на уличното осветлување се финансираат од општинскиот буџет. Но, долго време работите беа закочени заради фактот што и овие локации се во заштитеното подрачје, односно старото градско јадро, што не само овде туку и на други локации бара време од надлежната институција.

Со цел да се подобри функционирање на жителите од улица Козара и комплексот улици и оние кои минуваат низ овој дел, поставивме тампонски материјал. Бидејќи конечно, велам конечно се доби зелено светло, градежните активностите продолжуваат и за скоро време ќе следи и асфалтирање. Ги прифаќам сите конструктивни критики иако не зависеше од општината и уште еднаш за сите непријатности кои ви се создадоа длабоко се извинувам. Комплетната инфраструктура да напоменам со сите фази за  изградба на фекална и атмосферска канализациона мрежа, водоводна мрежа, коловоз и улично осветлување во БЛР4 поточно на улиците  „150-та“, „170-та“ и  „210-та“ – се наоѓаат во населбата Стрчин, кои долго време беше барана од месното население, да кажам дека во овој дел на градот, на оваа локалција не постоеше улична инфраструктура воопшто. Конечно се отпочна со реализација на истата со средства од првиот повик на Владата на РМ. Заради поставеноста на тренот  како и заради изведба на куќни приклучоци, значи комплетно нова инфраструктура за сите фази се издолжи рокот на изведба , но веќе сега активо се продолжи со работа и се надевам дека оваа градежна сезона ќе ја комлетираме цела инфраструктура  во БЛР4.

Што се однесува до мостот на улицата Бурса, ве информирам дека предвидена е реконструкција согласно Програмата за развојни планови и податоците во програмата се од стариот проект со кој располагаме. Бидејќи ситуацијата е видно променета, општината направи анализи заедно со стручни лица и ќе се пристапи со ново техничко решение за
реконструкција на овој мост.

Сакам да информирам и за свлечиштетот кое се појави на локалниот пат за селото Лера покрај каналот на Стрежево. Во изминатиов период се правеа анализи и мерења и во најбрз временски период Општината ќе излезе со техничко решение и како тоа ќе го санираме.

ПАРКИНЗИ

Го решаваме и предизвикот со барањето паркин место повеќе, за да немаме паркирани возила на недозволени места и во тесни улици. Како никогаш до сега започнува со изградба на ШЕСТ нови ПАРКИНЗИ, некои се во тек на изградба – Овчи Пазар, Ат Пазар, на улица Браќа Џаферови, во поранешната касарна, кај Хеликоптерот и Кифлата во ВРЕДНОСТ од 30 милиони денари. Со изградбата на овие паркинзи ќе се овозможат над 150 нови паркинг места. Скоро е довршен и паркингот зад зградата на МВР. И секако паралелно работиме на подготовки за уредување на просторот во сите делови на градот каде што беа отстранети времените објекти – диви гаражи. Ова не е само „Ќе“, туку проекти кои многу брзо ќе ја разубавуваат Битола.

СПОРТСКА САЛА БИСТРИЦА

Ланската година во февруари најавивме дека  некогашниот руиниран културен дом во населеното место Бистрица, повторно ќе стане привлечно место за спортски и културни активности. Објектот кој иако е поврзан со училишната зграда, со која делат заеднички двор, од 1984 година не е во функција, а низ годините неговата состојба се повеќе се влошуваше. На барање на жителите на населеното место Бистрица, локалната самоуправа, изготви проектна документација за реконструкција на објектот, и започнаа работите на терен.

Но, со отпочнување на градежните работи се наиде на проблем. При изготвување на проектна документација за спортската сала во Бистрица не беше третирана септичката јама, бидејќи нејзината поставеност согласно документацијата која што и беше дадена од страна на училиштето на Општина Битола, беше надвор од објектот. Со отпочнување на градежните активности, копање на темелите за објектот се констатира дека поставеноста на септичката јама допира во темелите на објектот. Со оваа констатација се отвори прашањето, односно проблемот дека мора во фаза на градба да се истретира и септичката јама која не беше дел ниту од проектната документација, ниту од договорот. За решавање на проблемот општината пристапи кон изработка на проектна документација и за септичката јама врз основа на кој на седница на Советот ќе се обезбедат дополнителни средства и ќе се склучи анекс кон договорот, за да може изведувачот да продолжи со градежните активности. Со тоа ќе се создадат услови активностите да продолжат и после 42 години, овој објект на вкупна површина од 386 м², ќе добие мултифункционалност. Со архитектонскиот проект, предвидена е замена на класичните конструктивни елементи со современи, а просторната организација на објектот интегрира спортски активности со примена на иновативни решенија. За овој проект, како локална самоуправа инвестираме 37.599.966 денари, плус дополнителните средства кои ќе бидат обезбедени поради новонастанатиот проблем. Нашата тенденција е да овозможиме максимална функционалност на објектот, токму онака како што и најавивме, согласно нашите програми за работа.

ЗАТВОРЕН БАЗЕН

Проектот за затворениот базен, во соработка со Министерството за спорт
го доведовме во напредна фаза, иако претходно за него освен најава
немаше ништо друго. Знаете дека објектот беше стопиран и со огромни
напори на Министерството за спорт активностите продолжија.
Како одговорна локална самоуправа, активно ја следиме состојбата и сите
потенцијални потребни инвестиции кои треба да бидат испланирани во
објектот, ќе бидат реализирани, затоа што сепак овој објект кога ќе се
стави во функција мора во целост да ги исполнува сите потребни стандарди
и да понуди убави услови. Партнерно се уредува  и таму се во изградба
спортските терени во кругот на училиштето „Даме Груев“.

УЧИЛИШТЕ ВО БУКОВСКИ ЛИВАДИ

Ќе се реконструира објектот во Буковски ливади со пренамена во училиште. Тоа е објект кој стоел повеќе од 30-тина години како руина.  Вредноста 30 милиони денари. Предвидени се 5 училници, влезен хол со пропратни содржини, рампа за лица со попреченост, санитарни, помошни простории, заеднички простории за социјализација и мала библиотека. Вкупната површина на објектот изнесува 500 м². Склучен е договор со изведувачот и надзорот и се очекува активностите скоро да почнат.

СПОРТСКА ИНФРАСТРУКТУРА

Кога сме кај спортот со средства од владата ја реконстуиравме јужната трибина на стадионот во Битола со првиот повик, а со вториот владин повик обезбедиме реконструкција на скоро сите училишни спортски игралишта во Битола. На дел од нив веќе се работи. Вредно е да се спомене бидејќи тие работи некако не наоѓаат место во медиумскиот простор за жал. Имено Битола на 10 локации ќе добие 24 спортски терени. Терени кои досега биле запуштени во училишните дворови. ТРИ типски училишни спортски сали. Едната веќе се гарди во ОУ “Стив Наумов”, другата е во ОУ “Тодор Ангелевски”, меѓутоа нејзината изведба ќе отпочне откако ќе се санираат терените заради специфичноста на работите и во ОУ “Даме Груев” – подрачно училиште во Долно Оризари во ВРЕДНОСТ 144 милиони денари. Имаме склучен договор со изведувач и надзор.

– Изградба и реконструкција на ДЕВЕТ УЧИЛИШНИ СПОРТСКИ ИГРАЛИШТА во: ОУ “Даме Груев”, кое е веќе отпочнато, ОУ “Климент Охридски”веќе отпочнато, ОУ “Трифун Пановски”, ОУ “Ѓорѓи Сугарев”, ОУ “Гоце Делчев”, игралиштето во “турското” училиште, ОУ “Коле Канински” – Буковски ливади, ОУ “Тодор Ангелевски” – подрачно училиште во Г. Оризари, ОУ “Тодор Ангелевски” ВРЕДНОСТ 112 милиони денари.

Денес се работи во „Климент Охридски“, „Даме Груев“,  во Стрелиште и подрачното училиште „Тодор Ангелевски“ во Раштани.

– Реконструкција на игралиштето во населба СТРЕЛИШТЕ и реконструкција на игралиштето за ТЕНИС во БРУСНИЧКА населба ВРЕДНОСТ 28 милиони денари.

– Изградба на АТЛЕТСКА ПАТЕКА е во постапка за јавна набавка на стадионот “Петар Милошевски” ВРЕДНОСТ над 77 милиони денари од вториот владин повик.

Со гордост зборуваме за проекти кои ќе го промени спортскиот живот во нашиот град, реконструкцијата и изградбата на Центарот за спорт и рекреативни активности, познат како поранешната боксерска сала. Овој проект е поддржан во првиот повик на Владата за капитални инвестиции. Модерен објект од над 1000 квадратни метри, вреден повеќе од 40 милиони денари, кој ќе стане вистински дом за нашите спортисти и младите. Новата сала ќе им овозможи на нашите боксери да тренираат во современи услови, а дополнително ќе има и карпа за качување за сите љубители на авантуристички спортови. Со овој проект градиме иднина, создаваме простор што ќе ги поттикне младите кон спорт, здрав живот и заедништво.

ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ

Следната тема се европските пари. Претходниот состав на советот ги кочеше, а новиот ги одблокира. 1 милион евра од европската инвестициона банка за реконструкција на водовод и канализација на неколку улици
-ул.„Булевар 1-ви Мај (од Црн мост до ул.Столарска)
-ул.„7-ма Бригада“
-ул„Паца Ванчова“
-ул.„Гаврило Принцип“
-ул.„Влатко Миленковски“
-колекторот од с.Трново до с.Магарево
-водовод во с. Лисолај.

Да напоменам сите овие средства беа блокирани. Градежната сезона е започната, механизацијата е на терен и работиме според планот. Верувам дека граѓаните ќе ја разберат комплексноста на некои ситуации и ќе имаат трпение да ги сработиме сите проекти. Веќе имаме отпочнати 80 проекти со владина поддршка, во моментот се работи на 21 локација во градот, а паралелно ги работиме и тековните работи, а секако и други проекти кои се финализираат. Ова само по себе потврдува дека во тек на работата се јавуваат и ќе се јавуваат многу предизвици, но тоа нема да не спречи во нашата намера, да останеме локална самоуправа која инвестира и континуирано гради за поубава Битола. Локална самоуправа која има храброст да се справи со предизвиците.

И на крајот на овој подолг прес би сакал да завршам, пред да поченете со Вашите прашања, да најавам дека со оглед на тоа што има многу работи кои се актуелни, со цел наша подобра комуникација, а влегуваме сериозно во градежна сезона, Ви најавувам два пати месечно брифинг со Вас почитувани новинари, каде што ќе информирам за се она што е важно и од интерес на јавноста и Ваш интерес.