Денес во Студентскиот информативен центар на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржи едукативниот настан „Парламентарен караван“, во организација на Собранието на Република Македонија на кој присуствуваа стуенти од поголем број на високо образовни институции од УКЛО Битола.
Пред студентите говореа и одговараа пратениците од Изборната единица 5 , Олга Лозановска, Силвана Ангелевска и Пеце Милевски од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Бедевска од ЗНАМ и Бисера Костадиновска и Митко Трајчулески (Крушево) од СДСМ.
Проректорот на УКЛО Битола, Ѓуро Илиќ за овој парламентарен караван кој за прв пат е во Битола рече:
-Денес универзитетот “Св. Климент Охридски“ во Битола ја има честа да бидеме домаќини на парламетарниот караван, а тоа значи дека нашите студенти од целиот универзитет можат да се запознаа со работата на Парламентот, улогата на пратениците и сите други прашања кои што и можеле студентите да ги интересираат. Присуствуваат студенти, како реков од повеќе факултети и сите имаат одлична можност секој кој не е доволно вклучен во таа проблематика преку директна комуникација со пратениците да го запознаат функционирање и значењето на Парламентот.
Настанот беше наменет за студенти и овозможува запознавање со работата на Собранието, учество во интерактивен квиз, модерирана дискусија на теми од јавен интерес и вмрежување и размена на идеи, рекоа организаторите.
Пратеници од изборната единица број 5 денеска гостуваа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и дебатираа со студентите на тема „Отворено за идеите на младите“ и се информираа за начинот на организирање и функционирање на Собранието, односите на Собранието со другите институции, парламентарниот институт и други надлежности.
-Проектот „Отворен Парламент“ многу успешно години наназад го организира парламентарниот институт при Собранието на Република Македонија. Ние пратениците денес дебатираме со младите, со студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и очекувам плодна дебата, аргументирана дебата. Очекувам младите низ денешната дискусија да ја разберат нивната општествена важност и потребата да бидат чуени и гласни, бидејќи конечно младите се нашата иднина, истакна Весна Бендевска, потпретседателка на македонското Собрание.
Во изјава за медиумите, пратеничката Олга Лозановска, потсети на искуствата од парламентарниот караван организиран во минатата година.
-Ваков караван се одржа минатата година во повеќе од десет градови од Република Македонија и тогаш фокус беа граѓаните и невладините организации со кои се разговараше за работата на Собранието, улогата на пратениците и други надлежности. Оваа година фокус се младите, студентите и тие треба да се запознаат со работата на пратениците, а ние да ги слушнеме нивните предлози бидејќи младите треба да бидат двигател на општествените дејности во државата. Демократијата ги вклучува сите ресурси со кои живееме, а тој дел се младите и затоа треба да се вклучуваат со своите идеи за подобар живот во нашата држава, истакна Лозановска.
Според пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, вака замислените средби се одличен начин студентите да се информираат за ингеренциите на Собранието.
-Средбите се одличен начин за студентите како идни генерации што треба да се приклучат во општествениот живот во државата, да можат одблиску да се запознаат со улогата на народниот пратеник, да се запознаат со ингеренциите на Собранието и преку вака отворени средби, со директни прашања да бидат повеќе информирани, но и да дадат конкретни предлози за тоа што им е потребно, а е од надлежност на Собранието со законски или подзаконски акти, посочи Костадиновска Стојчевска.
Во интерактивната средба, студентите од битолскиот Универзитет поставија серија прашања поврзани со работата на Собранието, процесите и процедурите за изработка и донесување на закони, политичка контрола и надзор на Собранието, мандат и имунитет на пратениците и други надлежности. Студенти јавно ги отворија проблемите на партизираното општество пред пратениците, разговараат дали има потреба младите да гласаат и дали имаат знаење за гласање или гласаат по препораки на родителите…
Народните избраници и студентите едногласно заклучија дека директните средби се неопходно потребни и се во функција на демократските процеси во државата.
Текст и фото: Дамијана Ристевска






