Press "Enter" to skip to content

Фестивалот “Нарцисот цути“ – приказна за љубовта кон природата, традицијата и културното наследство

Фестивалот на нарцисот „Лазарополе Цути“ започна во 2015 година како искрена граѓанска иницијатива на лазоровци, потомци, вљубеници во Лазарополе и поддржувачи на мијачкиот регион, со една јасна цел – да се зачуваат природните убавини, културното наследство, традицијата и духот на Лазарополе за идните генерации.

Создаден во период кога постоеше сериозна опасност од нарушување на природната рамнотежа и уништување на плодните ливади околу селото, фестивалот прерасна во симбол на отпорот против деградацијата на природата и против губењето на автентичниот мијачки идентитет. Лазарополе, сместено во срцето на Националниот парк Маврово, со векови живее во хармонија со природата. Лазоровци отсекогаш ја чувале земјата, шумите, водите и пасиштата како свето наследство оставено од предците.

Токму затоа, во 2015 година беше организирано првото издание на фестивалот под мотото:

„Лебот го храни телото, но нарцисите ја освежуваат душата.“

Нарцисот, кој природно расте на влажните ливади на Бистра, претставува симбол на чистотата, убавината и животот. Овие нарцисови ливади не се само природна реткост, туку и простор на колективна меморија, традиција и културен идентитет на Лазарополе.

Фестивалот „Лазарополе Цути“ од самиот почеток има мисија да ја подигне јавната свест за значењето на заштитата на природното и културното наследство. Преку фестивалот се афирмираат:

– мијачките адети и обичаи,

– традиционалната музика и фолклор,

– локалната архитектура,

– духовното наследство,

– старите занаети и народни знаења,

– како и богатото нематеријално културно наследство на Лазарополе.

Манифестацијата претставува и повик за одржлив развој на селото преку културен и рурален туризам, наместо преку урбанизација што би ја нарушила автентичноста на просторот. Лазарополе е препознатливо по кристално чистиот воздух, богатата природа, старите цркви, традиционалната архитектура и повеќевековната мијачка култура, која и денес живее преку празниците, песните, собирањата и народните обичаи.

Во 2026 година фестивалот „Лазарополе Цути“ одбележува 12 години од своето возобновување под мотото:

„Кога природата цвета, традицијата живее!“

Фестивалот ќе се одржи на 24 мај 2026 година во Лазарополе, меѓу прочуените нарцисови ливади на планината Бистра, во срцето на Националниот парк Маврово. Настанот и оваа година ќе обедини љубители на природата, културата, традицијата и мијачкото наследство од целата држава и пошироко.

Фестивалот не е само културна манифестација, туку силна порака за заштита на природата и животната средина. Лазарополе претставува простор со исклучителна еколошка вредност – со чист воздух, богата биолошка разновидност, пасишта, шуми и ендемски растителни видови. Нарцисот, кој во овој крај со љубов се нарекува „ружата“, не е само цвет, туку симбол на природната кревкост и убавина што мора да се зачува.

Истовремено, „Лазарополе Цути“ претставува жив споменик на мијачката традиција, локалните обичаи, музика, носија, говор и колективна меморија. Со звукот на зурлата и топанот, со народна песна, оро и традиционалното движење кон нарцисовите ливади, фестивалот ја оживува традицијата што со генерации била дел од идентитетот на Лазарополе.

Особено значење има и заштитата и промоцијата на материјалното културно наследство. Лазарополе е препознатливо по својата автентична мијачка архитектура, старите камени куќи, црквите и духовните објекти, како и по бројните културни дејци и историски личности поврзани со овој крај. Фестивалот придонесува за нивна поголема видливост, афирмација и зачувување.

Преку фестивалот се испраќа порака дека културното наследство не е само спомен од минатото, туку жива вредност што треба активно да се негува и пренесува на младите генерации. „Лазарополе Цути“ денес претставува платформа за обединување на луѓето околу идејата за заштита на природата, зачувување на културниот идентитет и развој на одржлив туризам во мијачкиот крај.

Фестивалот има и значајна улога во поддршката на локалната заедница и руралниот развој. Преку промоција на локалните производи, туризмот, традиционалната гастрономија и културните вредности, се создава можност за економско оживување на регионот и афирмација на Лазарополе како автентична туристичка дестинација.

„Лазарополе Цути“ не е само прослава на едно цветно поле. Тоа е глас за зачувување, повик за грижа, простор за припадност и симбол на надеж. Во време кога многу вредности се губат, овој фестивал останува редок пример на жива традиција што ги обединува природата, културата, заедницата и иднината.

Лазарополе не е само место. Лазарополе е аманет. А фестивалот „Лазарополе Цути“ е неговиот жив глас.

Д.З.