Во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола свечено беше отворена изложбата посветена на големиот македонски уметник Васко Ташковски, роден во Нижеполе, 31 август 1937, македонски сликар, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.
За делата и творештвото на Васко Ташковски зборуваше д-р Драган Ристевски, галерист кој рече:
-Оваа изложба на дела од најновото творештво на академик Васко Ташковски претставува симболично одбележување на 70 – годишното извонредно богато сликарско творештво. Следејќи го својот сликарски ракопис кој Ташковски го негува во последниве неколку децении, како сликар на имагинативното, асоцијативното и надреално тој со оваа изложба го искристализира својот исклучително богат опус. Така, во неговите најнови дела родолжува островите а ги подигнува од земјата, коњите и претвора во птици, рибите стануваат дел од пејсажот, а цели градови лебдат меѓу облаците. Во светот на Васко Ташковски реалноста се ослободува од гравитацијата и влегува во едно ново, слободно движење.
-Летечки светови “ е изложба која не воведува во еден универзум каде што границите се топат меѓу природата и технологија, сонот и реалноста, земјата и небото. Овде се е во постојано менување. Се се трансформира. Природата не мирува, таа лета, се преобликува и создава нови, неочекувани форми. Во овие дела, Васко Ташковски ја покажува својата долга истражувачка линија: спојот на традиционалниот пејзаж со елементи на научна фантастика и надреализам. Но, не да побегне од реалноста, туку за да ни ја покаже поинаку – поотворена, попоетична и полна со можности. Неговите летечки острови и хибридни суштества не се само фантазија. Тие се покана да замислиме свет во кој слободата не е само збор туку видлива, опиплива реалност. Преку овие дела, уметникот ни порачува дека светот не е фиксен. Тој може да се промени, тој може да полета, додаде Ристевски.
Тања Стуменовска – Ристевска на отворањето на изложбата рече:
-Во историјата на Светската уметност, постојат автори кои не ја сликаат реалноста туку неа ја трансформираат. Шпанија го имаше својот Салвадор Дали – мајсторот на потсвеста и фројдовските соништа. Македонија го има својот Васко Ташковски – визионерот на космичката димензија и цивилизациската еколошка совест. Погледот на Дали е насочен навнатре, а Ташковски со погледот вивнува до вселената. Ташковски цврсто стои на јазот на технологијата и природата, твори за уништувањето и за создавањето. Тој е пророк со своите ненадминливи композиции за тоа дека човечката амбиција се движи преку деструктивен пат што води кон амбисот. Васко Ташковски преку делата ни говори, ни посочува, не предупредува со сета човечка загриженост, со сета уметничка визија и моќ. Брзо не воведува во својот имагинарен свет кој не види кон вечноста, како силен интелект, длабоко морален и безгрешно дисциплиниран, мајстор на надреалистичката фантазија.
Васко Ташковски со многу емоции, откако по 25 години му се отвора изложба во Битола рече:
-Мене ми е направена голема чест од Тања и Драган и после 25 години да ме поканат и да имам изложба во Битола. Мене посебно ме поврзува и името на оваа галерија Ранко Струмениковски со кој се познаваме од рана младост од седмолетка. Потоа со Ранко се раздвоивме, а после пак се споивме на академија во Белград и бевме уште поблиски. По завршувањето на академијата јас останав во Скопје, тој се врати во Битола, но останавме големи другари иако животот ни направи различни патишта. Затоа оваа изложба му ја посветувам на Ранко Струмениковски.
Литературниот критичар Владо Ѓоревски за авторот и неговите дела рече:
-Васко Ташковски, низ обемниот опус, речиси без исклучок, го „класифицираат“ во доменот на фантастиката, надреализмот, создавањето на измислени светови… со тоа неговиот широк ликовен хоризонт се ограничува на одредени – историски, речиси избанализирани и преповторувани „стилистики“, кои во голема мера го стеснуваат неговиот израз и воедно ја конфеционираат неговата оригинална посветеност и неговата непрекината ликовна потрага. Во седумдесеттите години на минатиот век, меѓу другото со: „Јавачите на апокалипсата“, „Траги во времето“, „Доказ за едно постоење“, „Распетие“, тој визионерски го најавува денешното време во кое „надреализмот“ е пореален од таканаречениот денешен „реализам“ измислен, апсурден, деструктивен и конечно, бесмислено апсурден. Тој смело зачекорува кон еден друг паралелен свет. Со таа „двојност“ критички и длабоко одредувајќи ја со силен ликовен јазик бесмислата што не очекува, тој зачекорува кон еден вид универзална пролетност на Творецот, доближувајќи се до една поинаква визура, хоризонт, опстојување, бесконечност и длабочина: небесна или морска – сеедно и додаде:
-“Каде сме? Каде одиме? Кои сме?“, познатото суштинско прашање на Гоген, се одразува во медитеранските Тахити на Ташковски, чиј одговор го носат птиците на залез, можеби последниот кој што ја осветлува нашата откажана љубов така алчно мефистофеловски продадена на фаустовската вечна темнина и ненаситност. Тоа е творештво кое не се класифицира, тоа е творештво кое е на врвот од некоја невидлива планина и ги забележува сите молитви на изгубените души.
Васко Ташковски завршил средно уметничко училиште во Скопје во 1958 година, а потоа дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Во рамките на своето богато уметничко творештво реализирал над илјада слики во маслена техника, 2500 акварели, 1000 цртежи, над 10.000 скици и голем број графики. Неговите дела се наоѓаат во бројни приватни колекции, галерии, музеи и установи во земјата и во светот, од Македонија и Европа, до САД, Австралија како и во Националниот музеј на Кина во Пекинг (2005). Има остварено околу 100 самостојни изложби во земјата и во светот.
Ташковски е автор на две прозни дела: „Ѕуница околу пирустијата: автобиографски записи“ (2007) и „Прозни записи“ (2019). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ. Добитник е на дваесеттина значајни награди и признанија, меѓу кои: „4 јули” во 1977 г., Октомвриската награда (за сликарство) во 1978 г. и др. Застапен е во прегледи и монографии за историјата на светската уметност, а за неговото творештво се снимени 8 телевизиски филмови.
Жанета Ристевска











