Со презентација на студии на случај и тркалезна маса, заврши четвртиот
колабораториум на УКЛО КОЛОРС во Битола на тема: ,,Од нуспроизводи до функционална
храна – Одржливи пристапи за здравјето на потрошувачите“.
Колабориумот беше посветен на иновативните и одржливи пристапи во трансформацијата на прехранбените нус-производи во функционална храна со додадена вредност за здравјето на потрошувачите.
На настанот, кој на едно место обедини експерти, истражувачи, студенти, претставници од индустријата и академската заедница, се развија плодни дискусии за одржливо управување со прехранбени нус-производи, развој на функционална храна, циркуларна економија во агро-прехранбениот сектор, иновации за подобро јавно здравје и одржлива исхрана.
-Од дискусиите што се развија на тркалезната маса ќе оформиме низа предизвици кои што студентите, заедно со нивните ментори, мулти-дисциплинарно ќе пробаат да ги решат во текот на своето студирање, во форма на проектни задачи, дипломски, магистерски и докторски истражувања, изјави проф. д-р Рената Петреска Нечковска, академска раководителка на УКЛО КОЛОРС, која посочува:
-Интенцијата на ваквите колабораториуми е да има многу стејхолдери на едно место, да се премости бариерата меѓу академијата и реалниот свет. Суштината е столбовите на четирикратниот хеликс, нашите соработници од бизнисот, граѓанскиот сектор, образовните институции, институциите на системот, да ги имаме на едно место.
Петреска Нечковска додаде и дека прашањата и дискусиите од страна на гостите и од нашите студентите, но и студентите-гости од Универзитетот ,,Јан Длугош“ од Полска, се однесуваа на конкретни работи за кои тие сакаа одговори од стручни лица. Верувам дека ги постигнавме очекуваните ефекти од овој четврт колабораториум на УКЛО КОЛОРС“.
На првиот работен ден учесниците имаа можност да ги проследат презентациите на проф. д-р Елена Јошевска и проф. д-р Гордана Димитровска од Факултетот за биотехничкинауки во Битола, м-р Билјана Марковска, како претставник од ВМШ, како и на проф. д-р Јануш Капушњак од Унивезритетот,,Јан Длугош,, од Полска и проф. д-р Амаја Залакаин Арамбуру од Универзитетот ,,Ла Манча ,, од Кастиља, Шпанија, кои претставија современи европски практики и научни достигнувања кои придонесуваат кон намалување на отпадот од храна и создавање нови, нутритивно вредни производи.
Во лабораториите на Факултетот за биотехнички науки – Битола учесниците на колабораториумот имаа можност да го проследат процесот на изработка на функционални производи.
Колабораториум на УКЛО КОЛОРС на тема: ,,Од нуспроизводи до функционална храна – Одржливи пристапи за здравјето на потрошувачите“, се реализираше на 12 и 13 мај 2026 во Колаборативниот простор во СИЦ на УКЛО.






