Press "Enter" to skip to content

Заедничка пролетнa акција за чистење УКЛО и Општина Битола кај објектите на УКЛО во Старата касарна (фотогалерија)

-Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола заедно со ЈП „Комуналец“ денеска ја чистеа дивата депонија кај еден од објектите на универзитетот кај СИЦ и Правниот факултет во Старата касарна. 

Над 40 метри кубни смет е подигнат од дивата депонија во непосредна близина на СИЦ и Правниот факултет на Универзитетот “Св.Климeнт Охридски“ – Битола во денешната акција за пролетно чистење, организирана од УСС на УКЛО, Општина Битола и ЈП Комуналец.Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, ја поздрави иницијативата на студентите и се заблагодари на поддршката и помошта од надлежните институции.-Ние со нашите студенти немавме капацитет тоа да го средиме, бидејќи потребна е професионална поддршка со механизација. Без збор, веднаш излегоа во пресрет и еве од утрово, цело време, екипите на Комуналец со поддршка на нашите студенти и професори, чистат околу овие објекти кои ни се посебно битни, бидејќи во Студентскиот информативен центар е и седиштето на органите на Колорс Алијансата и постојано доаѓаат и партнерите од Колорс Алијансата, од девет европски земји, така да навистина, без разлика што внатре просторот е уреден по европски стандарди, околината беше стварно запуштена, но еве се најде решение и ќе се работи и во наредните неколку денови, за да овој дел од градот биде
пријатно уредено катче, не само за УКЛО, туку и за сите граѓани.Ова е продолжување на акцијата “Генералка викенд“ за отстранување на отпадот од јавните површини, парковите и дивите депонии во Битола.-Од сите нас зависи во каква средина живееме, а во оваа акција се вклучија тука и професорите и студентите, на нивна иницијатива беше и не застануваме овде, а ќе  продолжиме и во студентскиот парк во непосредна близина. Кажав и претходно, знаете системот ние го градиме. Ако самите не поработиме на свеста и едноставно да разбереме дека постојат места каде што треба да се депонира, а не кој каде што ќе стигне, рече градоначалникот Коњановски, кој додаде:-Овде се прави улицата СРУ 3 во непосредна близина и ќе биде осветлен овој дел од градот, донесени беа и садници кои ќе се засадат и ќе имаме поубава средина.Директорот на ЈП „Комуналец“ Горан Степановски кажа дека се врши заедничко чистење на овој простор и дека ова не е прва акција тука и дека мора да се работи и на подигање на јавната свест, менување на менталитетот и поттикнување на грижата за здрава животна средина.-Во изминатиот период од четири години повеќе од десет пати тука имаме чистено, но истото се повторува од дел од несовесни граѓани, мала група која прави малку поголеми проблеми и еве денес до сега има пет камионски тури исчистено, тоа во превод значи околу 40 метри кубни смет. Се надеваме дека ова ќе биде последно чистење на оваа дива депонија, дека свеста на граѓаните ќе проработи. Секоја година големи количини на диво одлагање на смет се собираат и се депонираат на нашата депонија, рече Степановски.Акцијата за пролетно чистење на УКЛО продолжува во наредните денови со средување на паркот пред ФИКТ и лабораториите на Факултетот за биотехнички науки.

Текст и фото: Дамијана Ристевска