ЕСМ хотел “Молика“ Битола продолжува со реализација на значајни проекти насочени кон унапредување на туристичката понуда, подобрување на условите за престој и развој на современа инфраструктура во националниот парк “Пелистер“.
Во рамки на развојот на ски центарот “Копанки“, официјално е планирана изработка на физибилити студија и проект за изградба на мини акумулација и систем за водоснабдување и техничко оснежување на дел од скијачките патеки.
Овој проект ќе овозможи: стабилни количини на вода за ВЕШТАЧКО ОСНЕЖУВАЊЕ, подолга и посигурна зимска сезона, подобри услови за рекреативци и спортисти, како и одигнување на атрактивноста на Копанки како современ зимски центар.
Во текот на минатата година, на долната скијачка патека беа поставени рефлектори со што се создадоа услови за ноќно скијање, а оваа година активно се разгледува можноста за воведување на систем за вештачки снег.
Паралелно со овие активности, во фаза на изготвување е проектна задача за изградба на современ СПА и велнес центар во Хотел Молика, со цел дополнително подобрување на квалитетот на услугите и зголемување на удобноста за нашите гости.
Во текот на оваа година е планирано и сеопфатно реновирање на хотелот, кое опфаќа: реконструкција на задниот дел од објектот, обнова на фасадата и замена на надворешната дограма, реконструкција на водоводната и канализационата мрежа, целосно освежување и модернизација на хотелските соби, уредување и модернизација на летната тераса на ресторанот за уште попријатен престој во летниот период.
Во изминатиот период успешно реализиравме повеќе инвестиции, меѓу кои: поставување нов поден тепих на сите катови, прва целосна замена по повеќе од 30 години и замена на постојниот систем за хлорирање со современа автоматизирана опрема за дозирање и дезинфекција на водата, со што се обезбедува повисоко ниво на хигиенска исправност, стабилен квалитет и дополнителна безбедност на водоснабдувањето
Со овие инвестиции хотел “Молика“ и ски центарот “Копанки“ продолжуваат да се развиваат како современа туристичка дестинација која нуди врвен комфор, безбедност и незаборавно искуство во срцето на националниот парк “Пелистер“.






