Охрид – Еурофарм Пелистер 22:25
Ракометарите на Еурофарм Пелистер од Битола ги дели една победа до второто место во македонската Супер лига, откако славеа на тешкото гостување кај Охрид со 22:25 кое ќе и, обезбеди пласман во Лигата на Европа. Одличен на голот беше Никола Митревски, кој успеа да забележи 16 одбрани.
Сега битолскиот тим има 50 бодови, исто колку што има и Охрид, но “пелистерци“ имаат подобар меѓусебен дуел со охридскиот состав, па во моментов се втори.
Предводници на нападот на битолчани беа Радивојевиќ со осум и Кузмановски со четири гола. На охридскиот гол, Пилиповиќ запиша 11 интервенции, а Јасухира даде пет погодоци.
Мечот тргна со голмански одбрани на Пилиповиќ и Митревски, а потоа следуваа по два гола на двете страни за 2:2 по пет минути игра, а потоа беше 4:2 за “пелистерци“. Тајм-аут побара Охрид при водство на битолчани со 7:4. По дваесетина минути беше 12:6 за Еурофарм Пелистер, а предноста се задржа до крајот на првиот дел и на пауза заминаа со плус шест, 16:10.
На стартот на вториот Митревски продолжи со одличната партија и беше 18:12 за гостите, а потоа “пелистерци“ отидоа на плус осум, 20:12. Ројевиќ го побара третиот тајм-аут но беше и 21:13 за Пелистер. Охрид врза три гола во серија за 21:16 и Лембанов побара минута одмор. Охрид уште повеќе ја намали разликата, 21:17 на десетина минути до крајот. Но Митревски им фати зицери на Јасухира и Лиапис, потоа му одбрани и на Иванковиќ и предавање на Охрид. До крајот пелистерци смирено ја задржаа разликата и славеа на жешкото гостување.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер, кој во текот на наредната недела ќе игра против „сино-белите“ од Автокоманда.










