Press "Enter" to skip to content

Патрониот празник на ОУ “Св. Кирил и Методиј“ – одбележан со богата културно-уметничка програма (фотогалерија)

-Свечена академија по повод Патрониот празник на ОУ„ Св.  Кирил и Методиј“ се одржа синоќа во свечената сала на Офицерски дом Битола. Од „Танго до Балчак“ до „Бегалка“– тоа беше вечер што ја славеше македонската култура, традиција и духовност.

-Рецитал посветен на светите браќа Кирил и Методиј, музичко-сценскиот перформанс „За Битола“. Со автентични костими, учениците, заедно со своите ментори, преку богата културно-уметничка програма создадоа незаборавна атмосфера исполнета со уметност, традиција и љубов кон македонскиот јазик и културно наследство.ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Битола е училиште со долга образовна традиција, основано во втората половина на 20 век. Низ неговите училници поминале бројни генерации ученици кои го градат својот пат кон иднината, носејќи го знаењето и вредностите стекнати во ова значајно битолско училиште.Училиштето традиционално го одбележува патрониот празник и 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, со низа активности и настани кои се реализираат во текот на целата седмица во пресрет на патронатот. Завршниот настан – свечената академија, се одржа во Офицерскиот дом во Битола, пред бројни гости, родители, наставници, ученици, како и претставници од Советот на Општина Битола.Уметничката програма започна со рецитал посветен на светите браќа Кирил и Методиј и музичко-сценски перформанс посветен на Битола, под менторство на наставничката Александра Упале. Со многу емоција, достоинство и сценска изразност, учениците испратија силна порака за љубовта кон Битола, мајчиниот јазик и македонското културно наследство.Посебен белег на вечерта остави училишниот хор со моќната изведба на „Танго до Балчак“, заедно со солистката Јована Мишевска, под менторство на Катерина Пејовска. Нивниот настап внесе силни емоции и патриотски дух.

Публиката со воодушевување ги проследи и сцените од битовата драма “Бегалка“, кои учениците од VIII одделение ги изведоа со голема автентичност, сценска зрелост и емоција. Под менторство на наставничката Катерина Маруши и психологот Жанета Ристевска, тие оживеаја дел од македонската драмска традиција и оставија силен впечаток кај присутните.Ученици приредија свечена вечер посветена на словенските просветители Кирил и Методиј,  македонскиот јазик и духовност.На свечената академија се обрати директорката Жанета Тошеска  и додели  награди и признанија на учениците кои постигнаа значајни успеси во повеќе области и достојно го претставуваа училиштето.

За првенец на генерацијата беше избран Петар Ѓорѓиевски, ученик кој со својата посветеност, знаење и успех остави значаен белег во училишниот живот.Посебни признанија добија и ученичките Јана Блажевска за постигнати успеси во областа на македонскиот јазик и Марија Најдовска за нејзината активна улога како ученик-правобранител и вклученоста во бројни воннаставни активности во текот на VIII и IX одделение.Награди беа доделени и на учесниците на литературниот и ликовниот конкурс, а најдобрите творби беа прочитани со  љубов кон пишаниот збор и уметноста.Учениците од одделенска настава со своите настапи на платото пред Офицерскиот дом внесоа радост, детска искреност и празничен дух пред бројната публика составена од родители, наставници и гости.Секое одделение, заедно со својот одделенски раководител, подготви интересни и креативни сценски настапи исполнети со песна и игра, а кои беа наградени со голем аплауз и воодушевување од присутните.

Во текот на целата недела, во училиштето се реализираа бројни активности организирани од наставниците од одделенска настава, кои заедно со своите ученици создадоа празнична атмосфера исполнета со креативност, дружење и љубов кон делото на сесловенските просветители. Преку различни работилници, приредби и едукативни содржини, учениците уште еднаш ја покажаа својата талентираност и почит кон традицијата, јазикот и културното наследство.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »