Еурофарм Пелистер – Алкалоид 31:26
-Еурофарм Пелистер од Битола не ги одбрани трите по ред титули и во наредната сезона ќе игра во Лига Европа.
-После поселдниот натпревар во Битола, Еурофарм Пелистер останува без Тајник, Радивојевиќ, Хосни и Абутовиќ.
Екипата на Еурофарм Пелистер вечерва во Битола забележа победа за крај на сезоната, над Алкалоид сорезултат 31:26, а новите бодови се потврда на второто место и пласман во Европската лига на ЕХФ.
Битолчани имаат ист број на бодови со ГРК Охрид, но имаат подобар меѓусебен скор, па така го освоија вицешампионското место кое води во групната фаза на второрангираното натпреварување на ЕХФ.
На стартот на натпреварот тимот на Алкалоид, предводен од тренерот Лазаров поведе со 0:3, заради промашени три обида, од три напади. Потоа Пелистер се врати, израмни, но Алкалоид се врати на највисоката предност со 9:12.
Проблем потоа беше повредата на Урош Борзаш, Србинот беше изнесен од теренот на раце заради лош доскок по дуел со Хенигман. До финишот на полувремето Еурофарм Пелистер намали на еден гол негатива (14:15).
Во второто полувреме лошо започна, овој пат Алкалоид, направи три технички грешки во низа кои донесоа 16:15 за Пелистер. На голот на зелено-белите Хеидаридад блесна на голот, Радивојевиќ донесе плус два, а потоа следеше и нов гол за највисоки 21:18. Имаше Еурофарм Пелистер и четири гола позитива, доволни за триумф над ривалот и бетонирање на втората позиција.
Филип Кузмановски беше најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер со седум гола, а голем удел во победата имаше голманот Саид Хаидаридад кој забележа осум интервенции во второто полувреме. 
По завршувањето на натпреварот многу емоции во “Боро Чурлевски“, бидејќи четворица играчи си заминуваат од таборот на “пелистерци“. Тоа се Домен Тајник, Илија Абутовиќ, Усама Хосни и Богдан Радивојевиќ.
Публиката и посебно навибачката група “Чкембари“ со долготраен аплауз и овации и секако со песна им се заблагодарија на четворицата, онака како шти ги наградуваа додека играа во Битола и постигнуваа голови за радост. 
Исто така, битолските навивачи имаа и порака до двајцата најдобри играчи, капитенот Филип Кузмановски и Дејан Манасков.
Затоа што нивниот статус уште не е решен, тие јасно покажаа желба да останат и им порачаа – “Фитиљ и Деки, останете, а ќе си останете“.










