Со многу емоции, насмевки и неизбежна носталгија, матурантите од генерацијата 1975/76 на гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола се собраа за да одбележат значаен јубилеј – 50 години од завршувањето на средното образование.
По пет децении, поранешните соученици повторно седнаа заедно, како некогаш во училишните клупи во Горната гимназија, враќајќи се во времето кога ги делеле младешките соништа, радости и грижи. Средбата започна со класен час, на кој оживеаја бројни спомени од гимназиските денови. Се присетуваа кој каде седел во училницата, на омилените професори, училишните случки и пријателствата кои времето не успеало да ги избрише.

-Во топла и пријателска атмосфера, секој имаше своја животна приказна за раскажување. Некои животот ги одвел во различни градови и држави, други останале во родниот крај, но сите не поврзува заедничкото минато и спомените од едно безгрижно време. Средбата беше исполнета со искрени прегратки, возбуда и радост поради повторната средба со луѓето со кои ја делеле младоста. Разговорите не беа само за годините поминати зад нив, туку и за вредностите што останале непроменети – пријателството, почитта и меѓусебната поддршка, вели Емил Главинче, сега познат адвокат во Битола.
Педесет години по матурирањето, оваа генерација уште еднаш покажа дека времето може да ги промени луѓето, но не може да ги избрише спомените. Токму затоа ваквите јубилеи имаат посебна вредност – тие се потсетник на едно убаво време, на младоста и на врските кои траат цел живот, а Емил, Ацо, Ирако, Сашо, Пупучо, Таки… се потврда на тоа.
За присутните, ова не беше само прослава на годишнина од матурата, туку и прослава на пријателството, заедништвото и животот исполнет со спомени кои и по половина век остануваат живи.
Ж.Ристевска






