-По премиерата на 2 јуни во Скопје, мјузиклот „Као какао“ првото гостување ќе го има на 19 јуни, на отворањето на 18. Битолското културно лето „Битфест“, во 19:30 часот во Големата сала на Центарот за култура во Битола во режија на Дејан Пројковски и текст на Венко Андоновски, беше речено во Битола на прес-конференција по повод најново издание на “Битфест“
-За првпат организацијата на „Битфест“ ја презема институција, односно Културно информативнот центар (КИЦ) Офицерски дом, а Општина Битола ќе биде покровител.
Отворањето беше најавено на пресконференција на која се обратија: Влатко Стефановски, режисерот Дејан Пројковски, продуцентот Владимир Мандичевски, директорот на КИЦ – Битола, Димитар Михајловски, актерите Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ.
КИЦ Битола го најави свеченото отворање на осумнаесетото издание на Битолското културно лето ,,БИТ ФЕСТ” 2026.
-На 19 јуни, битолчани ќе имаат привилегија да бидат првата публика надвор од Скопје која ќе може да го гледа мјузиклот “Као какао”. Ова продукциско дело обедини врвни мајстори на пишаниот зборот, музиката, режијата, актерството и менаџментот, социјално одговорни компании како и педесетина учесници на сцената, рече директорот на КИЦ Битола, Димитар Михајловски, кој нагласи дека оваа прес конференција е само за отворањето на “Битфест“ а ќе следува нова за целосната програма и сите содржини.
-Драго ми е што во Битола е првиот настап надвор од Скопје. Таму доживеавме огромен и неочекван успех. Се покажа дека публиката е желна за нешто вакво. Ова е голема продукција со голема екипа и со големи уметнички имиња, истакна продуцентот Мандичевски.
Режисерот Дејан Пројковски откри дел од содржината на мјузиклот кој има околу 50 учесници на сцената.
–Мјузиклот „Као Какао“ е приказна која спојувајќи го текстот со музиката на Влатко, всушност зборува за еден млад човек од населбата Тафталиџе во Скопје кој што тргнува да ги следи своите соништа. Всушност самата претстава зборува за тоа дека изборот е во секој од нас. Дали сме крајот или почетокот на светот. Одлуката е во нашата глава, рече Пројковски.
Влатко Стефановски, по чија музика е инспириран и создаден мјузиклот кој во драмска верзија го напиша Венко Андоновски, откри дека постојано го чувствува присуството на духот на својот брат Горан покрај себе. А како што вели, мјузиклот не е биографска приказна за него и неговиот бенд иако се препознава во дел од сцените.
Стефановски сподели и која сцена од мјузиклот најмногу го допрела.
Првите изведби на мјузиклот беа на 3 и 4 јуни во Македонскиот народен театар во Скопје, а актерите во главните улоги – Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ се уште ги собираат импресиите од премиерата.
Директорот Димитар Михајловски рече дека деновиве ќе соопштат колку ќе чинат влезниците за „Као какао“.
Фото: Дамијана Ристевска









