Press "Enter" to skip to content

Седум шампионски титули и вкупно 19 медали за АК Олимп Битола на Националното првенство

Атлетскиот клуб Олимп од Битола уште еднаш го потврди својот квалитет на Националното првенство на Македонија, освојувајќи вкупно 19 пласмани на подиумот: 7 златни, 8 сребрени и 4 бронзени медали, како и повеќе финални пласмани меѓу најдобрите македонски атлетичари.

Најуспешна поединка беше Адријана Поп Арсова Рашиќ, која освои две шампионски титули на 3000 и 5000 метри, како и две сребрени медали на 800 и 1500 метри, потврдувајќи ја својата доминација во дисциплините на средни и долги патеки.Двоен државен шампион стана и Григоријан Никовски, кој триумфираше на 1500 и 3000 метри, а настапот го заокружи и со сребрен медал на 3000 метри стиплчез.

Одличен настап имаше и Дарија Крстевска, која ја освои титулата на 800 метри и сребрениот медал на 5000 метри, додека Ирма Хајдари стана државна шампионка на 1500 метри и вицешампионка на 3000 метри.Со два сребрени медали се закити и Бојан Чаприќ, кој беше второпласиран на 800 и 1500 метри, а Магдалена Станковска освои две бронзени одличја на 800 и 5000 метри.

Меѓу финалистите се најдоа и Максим Пауер, кој го освои петтото место на 1500 метри, Матеа Матеска, петтопласирана во скок во височина, како и Насе Епов, кој го освои деветтото место на 5000 метри.

Значаен придонес во вкупниот успех дадоа и штафетните состави на АК Олимп. Машката штафета во состав Максим Пауер, Григоријан Никовски, Насе Епов и Бојан Чаприќ го освои првото место во дисциплината 4×400 метри, додека женската штафета, составена од Матеа Матеска, Адријана Поп Арсова Рашиќ, Магдалена Станковска и Дарија Крстевска, го освои сребрениот медал.

Со вкупно 19 медали – 7 златни, 8 сребрени и 4 бронзени, АК Олимп од Битола уште еднаш потврди дека е еден од најуспешните и најконкурентните атлетски клубови во државата, продолжувајќи да создава врвни резултати и шампиони на националната сцена.

Од клубот упатија честитки до сите атлетичари, тренери и членови на стручниот тим за посветеноста, дисциплината и резултатите со кои достојно го претставија АК Олимп на Националното првенство на Македонија.

More from ВестиMore posts in Вести »