Press "Enter" to skip to content

Во УКЛО Битола работилница за оригиналниот пристап Science4Reel за комуникација на науката преку креативни видеа (фотогалерија)

Во пресрет на големиот меѓународен настан „Европска ноќ на истражувачите и Истражувачи во школи“, студенти, професори, ученици, наставници, претставници на Народна техника, Општина Битола и медиумски партнери се обединија во инспиративна работилница за изработка на кратки видеа за промоција на науката.Целодневната работилница се одржа на 29 јуни 2026 година во CoSpace просторот при Студентскиот информативен центар на УКЛО, во синергија со Академскиот медиумски центар на УКЛО КОЛОРС, како дел од активностите на европскиот проект „ГРИНСТАРС – Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“, финансиран од Европската Унија преку програмата Хоризонт Европа.Во креативна и динамична атмосфера, учесниците работеа заедно со медиумски професионалци од „Битола Њуз“, „Сфера Интернационал Битола“ и други партнери, совладувајќи ги сите чекори во создавањето на квалитетна научна видеоприказна – од развивање на идеја и поставување на вистински прашања, до техничка подготовка, снимање, монтажа и едитирање.Дека работилница претставува значаен чекор во поттикнувањето на младите за креативно истражување и популаризација на науката преку современи медиумски алатки потврди интересот и задоволството на околу седумдесетината учесници, како и позитивните впечатоци на менторите, наставниците и професорите. Проектната раководителка за УКЛО, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска со оценка дека ваквите работилници, кои обединуваат најразлични профили, како што беше кажано во поканата, од 7 до 77, претставуваат креативно и кокреациско жариште на идеи и охрабрување за експериментирање и реализација на првите дела на младите.-УКЛО, УКЛО КОЛОРС, а сега и проектот Избери наука, постојано работат на градење платформи за менторирани млади, почнувајќи од  #COLOURSjuniors – за основците, #COLOURSNextGen – за средношколците, крунисувајќи со #COLOURSstudents – за студентите. На истите, младите добиваат и дигитални, и физички простори, насоки и поддршка, да ги откријат и развиваат своите потенцијали. Среќни сме што пристапот #Science4Reel којшто за првпат го воведовме со мојот и подмладокот на УКЛО ФМ преку радиоемисијата и креативните видеа на Слушнете неее! со Ноела, кој беше за првпат во ваква работилница промовиран на Летната школа на науката на ПРОНА од Црна Гора минатата година.Тој пристап кој беше основа за аматерски документарен филм – дел од програмата на интернационалниот фестивал Камера 300 на КВК Милтон Манаки при Народна техника Битола, сега пробива пат за сите млади. Имено, организаторите на фестивалот, нашите постојани соработници од Народна техника Битола, планираат да воведат категорија за кратки аматерски филмови (рилс), на којашто првите понудени учесници би биле токму видеата создадени на денешната работилница, како и оние инспирирани во конкурсот Корени и крилја, Европска диплома дома. Со тоа, благодарение на ова партнерство со универзитетот, фестивалот би актуелизирал современи теми но и би привлекол млади креатори од нашето поднебје, кои соработуваат на Европско ниво.Од друга страна, #Science4Reel концептот и иницијативата #COLOURSjuniors се градбен елемент и на проектот Избери наука – особено во делот на Истражувачи во школи, при што УКЛО е одговорен да го спроведе на ниво на целата држава, за сите партнери во конзорциумот на проектот. Тоа значи, дека млади од Битола, Скопје, Штип и целата држава веќе се вклучуваат да го разберат и продолжат да го применуваат концептот за комуникација на науката преку кратки видеа. Како и сите други мостови, и ова е начин на кој академијата ги испреплетува теоретските концепти во апликативни решенија, со што во ерата на интернетот, младите ќе го премостат тривијалното креирање содржини за социјалните мрежи и ќе постанат компетентни дизајнери на содржајни аудиовизуелни креации.На национално ниво, покрај УКЛО, во проектот активно се вклучени и УКИМ и УГД, а централниот настан „Избери наука“ ќе се одржи на 25 септември 2026 година на повеќе локации во Битола, Скопје и Штип, како дел од Европската ноќ на истражувачите.Проектот „ГРИНСТАРС – Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“ е двегодишна иницијатива која има за цел да ја промовира науката за поширокото граѓанство како двигател на општествениот развој и иновациите. Конзорциумот е предводен од УКИМ и МАНУ, а во него учествуваат и УГД, NCDIEL, Македонското еколошко друштво, како и асоцираните партнери МОН и Стопанската комора на Македонија.Со ваквите активности УКЛО продолжува да ја гради врската меѓу науката, образованието и заедницата, создавајќи нова генерација млади кои преку креативност, истражување и иновации ја избираат науката, и ја комуникцираат нејзината примена и полезност. Во следниот период, самите млади, училиштата а и универзитетот и проектот Избери наука, ќе ги промовираат рилсите на своите мрежи, со желба тие да бидат инспирација за првиот следен обид на многу други младинци низ државата, кои имаат што да кажат и покажат!

[ngg src=”galleries” ids=”2913″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″]

More from КултураMore posts in Култура »