-Духот на „Илинден“ – симбол на слободата, единството и непокорниот дух на македонскиот народ, длабоко кореспондира со кинеската почит кон културното наследство и зачувувањето на националниот идентитет, беше речено на отворањето на 56. по ред фестивал “Илинденски денови“ кој се одржува во Битола кој беше отворен во Центар за култура Битола.
На свеченото отворање беше присутна амбасадорката на Кина – Џианг Сјаојен, заменик министерот за финансии – Николче Јанкуловски, ректорот на УКЛО – проф. д-р Игор Неделковски, заменик градоначаничката на Битола – Марина Кестиќ, а фестивалот започна со интонирање на македонската и кинеската химна.
Синоќешниот концерт е многу повеќе од културен настан, тој е прослава на пријателството меѓу народите на НР Кина и Македонија, истакна амбасадорката Џианг Сјаојен, во Битола на отворањето на интернационалниот фестивал „Илинденски денови“.
Особена чест и задоволство ми претставува рече амбасадорката Сјаојен, тоа што вечерва сум со вас на Кинеската вечер во рамки на 56. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ и во таа смисла изразувам благодарност до Симфонискиот оркестар од Нингбо што допатува од НР Кина за заедно со нас да биде дел од овој значаен фестивал.
-Музиката е еден од најуниверзалните јазици на човештвото. Таа ги надминува границите, културите и јазиците и им овозможува на луѓето од различни делови на светот меѓусебно да се сфатат преку мелодија, ритам и емоции. Духот на „Илинден“, симбол на слободата, единството и непокорниот дух на македонскиот народ, длабоко кореспондира со кинеската почит кон културното наследство и зачувувањето на националниот идентитет. Затоа, вечерашниот концерт е многу повеќе од културен настан, тој е прослава на пријателството меѓу народите на НР Кина и Македонија. Сакам да истакнам дека Битола денес сè повеќе се афирмира како значаен мост на културната размена меѓу нашите две земји. Вечерва повторно е домаќин на кинески изведувачи, овој пат на Симфонискиот оркестар од Нингбо, збратимениот град на Битола, чие пријателство со овој прекрасен град успешно се развива повеќе од една деценија, нагласи амбасадорката Сјаојен.
Пред аудиториумот во Битола, амбасадорката Сјаојен потсети дека иако ги делат илјадници километри, Битола и Нингбо имаат многу заеднички вредности. Двата градови се гордеат со својата богата историја, динамичен културен живот и отвореност кон светот.
-Битола со векови претставува раскрсница на цивилизациите на Балканот, а Нингбо, еден од најстарите кинески пристанишни градови, уште од древни времиња ги поврзува народите и културите преку поморската трговија. НР Кина има воспоставено повеќе од 3.000 партнерства меѓу збратимени градови ширум светот, а секое од нив раскажува своја приказна за дијалог, соработка и взаемно почитување. Искрено се надевам дека Битола и Нингбо ќе продолжат да го продлабочуваат своето пријателство преку уште поголема соработка во културата, образованието, туризмот, размената на млади и бизнис, доближувајќи ги уште повеќе нашите два народи, нагласи амбасадорката Сјаојен.
За втемелувањето на културната и други соработки меѓу двата града говореше и м-р Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура-Битола, организатор и домаќин на интернационалниот фестивал „Илинденски денови“.
-За мене овој концерт има и дополнителна симболика. Пред дванаесет години имав чест, како претставник на Општина Битола, лично јас да го потпишам договорот за збратимување меѓу Битола и Нингбо. Со особена чест и задоволство го започнуваме 56. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кој од 14 до 31 јули повторно ќе ја претвори Битола во центар на светскиот фолклор, традицијата и културниот дијалог. Повеќе од половина век, „Илинденски денови“ не е само фестивал. Тој е место каде што се среќаваат луѓе, култури, јазици, музика, игра и традиции. Простор каде што нематеријалното културно наследство не се чува само во музеите и книгите, туку живее преку песната, играта, музиката и непосредната средба меѓу луѓето, нагласи Илковски.
-Токму затоа годинашното мото е „Точка на поврзување – Connection Point“, нагласи Илковски.
Во текот на 18 фестивалски денови, ќе се реализираат повеќе од 77 настани, со учество на над 1.300 учесници од Македонија и светот. На фестивалот ќе настапат 35 ансамбли и фолклорни групи, меѓу кои 8 ансамбли од странство, 1 ансамбл на македонските иселеници од Шведска, 23 ансамбли од Македонија, како и 3 ансамбли на свеченото дефиле.
Програмата опфаќа 12 интернационални концерти, од кои осум во Битола и четири во Прилеп, Новаци, Демир Хисар и Ресен како и настапи на врвни македонски уметници и ансамбли, изложби, семинар за традиционална музика и игра, советување на CIOFF, работилници, промоции на книги и Интернационалниот етнографски филмски фестивал со 40 филмови од целиот свет.
-Годинашниот визуелен идентитет е инспириран од главарчето – глуварчето. Неговите семиња патуваат со ветерот и пуштаат корени на нови места. Тоа е симбол на истрајноста, споделувањето и пренесувањето на традицијата – токму она што повеќе од 56 години го прават „Илинденски денови“, поврзувајќи луѓе, култури и генерации, рече Илковски и додаде:
-Да ги пречекаме гостите од целиот свет и заедно уште еднаш да покажеме дека Битола е вистинска Точка на поврзување.
Текст и фото: Сашо Ристевски










