-Вечерва на сцената на платотото пред Офицерски дом во Битола започна 56. издание на фестивалот на народни песни и игри “Илинденски денови”, а како и секоја година, му претходеше дефилето на фолклорни групи и друштва од државата и светот низ Широк Сокак во Битола.
-Овој фестивал формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903, како смотра на фолклорот во националните граници.
“Илинденски денови” веќе 56 години се културна екстраваганција на народите и обичаите која ја прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. И годинава „Илинденските денови“ имаат богата фестивалска програма со настап на 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска и за прв пат од Швајцарија, ќе настапат на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена.
Две недели Битола живее во ритамот на фолклорот, традицијата, играта, песната, филмот, едукацијата. Градот и организаторот на фестивалот ги пречекаа гостите од земјава и светот на најдолгите „Илинденски денови“, фестивал кој со право годинава го има мотото, односно темата „Точка на поврзување“.
На свечената церемонија фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието како покровител на “Илинденски денови“, Весна Бендевска, која рече дека фестивалот претставува вистински простор за промоција на културното наследство во сите појавни форми и додаде:
-Илинденски денови“ е вонредено важен фестивал со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син Гоце Делчев. Од оваа вечер Битола ќе биде точката на поврзување, на уметници од сите светски меридијани, центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората. А, “Илинденски денови“ презентира автохтон македонски фолклор, со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, клавирите и чаршиите, во единствениот седумосмински такт кој е оригинална македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора.
Во име на домаќинот, Општина Битола се обрати градоначалникот Тони Коњановски кој рече:
-Дозволете ми на организаторите да им честитам за нивниот труд и напори да направат одлично издание на фестивалот. Исто така ме радува визуелниот идентитет на 56-то издание, каде фокусот е македонската народна носија, интернационалната носија и глуварчето како централен симбол. Како што беше кажано неговите семиња, кои патуваат со ветерот, ја симболизираат идејата за движење, размена и поврзување, исто како што и овој фестивал ги поврзува културите, традициите и луѓето од сите страни на светот. Вкупно 77 настани со преку 1.300 учесници во претпрограмата и официјалната програма со петте фестивалски вечери, како и 7 концерти на македонски уметници. Со ова Битола повторно станува центар на домашниот и светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научната мисла, креативноста и негување на традицијата која го добива своето заслужено место и е водилка на овој фестивал, промотор на македонската традиција“ рече градоначалникот Коњановски.
Директорот на НУУБ Центар за култура, Сашо Илковски рече пред присутните дека повеќе од половина век „Илинденски денови“ е местото каде што традицијата не е спомен од минатото, туку таа е жива вредност, вредност што се пее, се игра, се раскажува и се пренесува од генерација на генерација и додаде:
-Годинешното мото на Фестивалот е точка на поврзување. Битола од секогаш била центар на средби, град каде се вкрсувале патишта, култури, јазици и цививизации. Денес “Илинденски денови“ ја предолжуваат таа приказна, Битола денес е место каде светот се среќава преку музиката, играта, традицијата. Во Битола ќе има 77 фестивалски настани, концерти, изложби, работилници, семинари, научни собири, филмски проекции. Во Битола има гости од осум странски земји, еден ансамбл на македонските иселеници од Шведска, 23 ансамбли од Македонија. Сите од тука ќе си замина носејќи со себе дел од нашата традиција, гостопримство и нашата љубов кон традицијата. Оваа година идентитет на Фестивалот е глуварчето.
Пред официјалното отворање на фестивалот КУД “Илинден“ го изведе “Комитското“ во придружба на ансамблот на друштвото.
Текст и фото: Сашо Ристевски








