Во рамките на културното лето “Бит Фест“, во Офицерски дом во Битола, ансамблот трио “Интерарт“ од Битола приреди исклучителна камерна вечер пред преполна сала, вечер исполнета со виртуозност, музичка зрелост и силна емоционална комуникација со публиката.
Триото, составено од флејтистите Емилија Ристевска Стефановска и Александар Стефановски и пијанистката Татјана Божиновска, уште еднаш потврди дека камерната музика може да биде привлечна, динамична и длабоко инспиративна.
Програмата понуди стилски разновиден музички пат – од современиот израз, преку виртуозната фантазија, до францускиот колорит и македонската музичка традиција.
Концертот започна со „Three Dances“ од Gary Schocker, дело во кое композиторот создава живописен спој на ритмичка енергија, лиричност и виртуозност.
Двете флејти се испреплетуваат во динамичен дијалог, додека пијаното ја збогатува звучната слика со колорит и стабилна музичка поддршка.
Следуваше „Marbella Fantasy“ од Alexander Rubtsov, композиција исполнета со медитерански дух, богата мелодика и ефектни виртуозни моменти. Делото овозможи да дојдат до израз техничките можности на ансамблот и нивната способност за градење силна концертна атмосфера.

Особено значајно место во програмата имаше „Ivino“ од македонскиот композитор Марко Виденовиќ – дело инспирирано од богатството на македонскиот музички фолклор. Во оваа композиција традиционалните мелодиски и ритмички елементи се преобразени низ современ композиторски јазик, создавајќи оригинален и препознатлив македонски звучен печат.
Вечерта беше заокружена со „Trio for Two Flutes and Piano“ од Jean-Michel Damase, дело кое ја носи елеганцијата на француската музичка традиција. Со префинета хармонија, певливи линии и рамноправен однос меѓу трите инструменти, композицијата претставуваше идеална завршница на концертот.
Бравурозната изведба на Трио Интерарт се одликуваше со извонредна ансамбловска усогласеност, прецизност, богатство на тонски бои и силна сценска енергија. Публиката ја награди вечерта со долг и искрен аплауз, потврдувајќи дека ваквите концерти се значаен придонес кон културниот живот на Битола и афирмацијата на камерната музика.
Трио Интерарт уште еднаш покажа дека со професионализам, посветеност и внимателно избран репертоар може да создаде мост меѓу светската музичка литература и македонското културно наследство.
Пред концертот проф. д-р Марјан Танушевски ги запозна присутните со малку познати факти за минатото на Битола, како дел од неговиот проект.










