-Битола вечерва беше дел од единаестте градови, каде се одбележува триесет и пет години од независноста на Македонија, приказна што сè уште ја пишуваме, “Силно светнал ден“ голем музичко-сценски спектакл на кој настапија повеќе од 30 македонски изведувачи.
Платото пред Офицерски беше голема сцена на отворено на која Игор Џамбазов и и Драгана Левенска и повеќе од 30 македонски изведувачи ја раскажаа приказната за Македонија низ музика, театар, поезија и современ сценски израз.
“Силно светнал ден“, музичко-сценскиот спектакл е создаден по повод 35 години независност на Македонија, современо сценско патување низ приказната на една млада држава низ нејзината музика, литература, луѓе, успеси, загуби, пресврти и генерации.
„Силно светнал ден“ е во режија на Дејан Пројковски, Игор Џамбазов, како главен лик, домаќин и раскажувач кој ја води публиката низ различните времиња и генерации. Сценариото започнува со едно навидум едноставно прашање: како се пишува песна за Македонија?

Од тој генерациски музички предизвик се отвора патување низ македонската културна и колективна меморија – од Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев, преку македонската книжевност и големите музички рефрени, до хип-хопот, новите генерации и младите луѓе на кои им припаѓа иднината.
На сцената во Битола настапија: Игор Џамбазов, Драгана Левенска, Елена Ристеска, Тони Зен, Некст Тајм, Бојана Скендеровски, Бранислав Николов, Вера Милошевска, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Спасен Силјановски, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Андријана Јаневска, Игор Дурловски, Ана Дурловска, Ана Петановска, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Петар Младеновски, Јанг Дади, Лина Пејовска, Андријана Петрушевска, Марија Спасовска и Мина Блажев.
Изминатите 35 години независност на Македонија не беа претставени како хронологија, туку како жива приказна во која минатото разговара со сегашноста.
„Силно светнал ден“ ги спојува театарот, музиката, поезијата, современиот танц и визуелниот израз во голема продукција на отворено.
Наместо класична прослава на јубилеј, спектаклот се обидува да постави и потешки прашања: што направивме во овие 35 години, што наследивме, каде погрешивме, со што се гордееме и каква земја им оставаме на генерациите што доаѓаат.
Токму младите ја носат една од клучните линии на претставата.
Во сценариото, по разговорот за минатото и независноста, доаѓа прашањето за иднината и за „децата на Македонија“ младите кои денес освојуваат медали, создаваат, истражуваат, студираат, спортуваат и ја носат својата земја со себе каде и да одат. Финалната порака затоа не останува во минатото. Таа им го предава светот на новите генерации. 
На една сцена ќе се слушнат песни што ги паметиме со децении, гласови со кои растеа генерации и музиката на новите автори и изведувачи кои денес ја продолжуваат македонската музичка приказна.
Преку музика, театар, поезија и сценски перформанс, „Силно светнал ден“ ја раскажува приказната за изминатите 35 години – преку моменти, стихови, песни и чувства што останале дел од нашата колективна меморија.
Ж.Ристевска
Фото: Сашо Ристевски










