Press "Enter" to skip to content

Општина Битола: дежурства на инспекторатот и за неработни денови и викенди

Поради зачестените пријави од граѓаните и зголемениот број евидентирани прекршоци во повеќе области, Општина Битола, како и минатата година, повторно воведува секојдневни дежурства на општинскиот инспекторат и надвор од утврденото работно време.

Со оваа одлука, инспекторите ќе бидат активно присутни на терен во текот на работните денови, како и за време на викендите и неработните денови. Дежурствата ќе опфаќаат вонредни надзори и обиколки на територијата на целата општина Битола, со цел навремено да се констатираат и спречат незаконски и прекршочни постапувања.

Засилените контроли ќе се однесуваат на области како што се градежништвото, комуналните дејности, јавната чистота, како и несовесното постапување со јавните добра. Посебно внимание ќе се посвети на појавите кои што го нарушуваат јавниот ред и квалитетот на животната средина.

Граѓаните можат да го информираат општинскиот инспекторат за затекнати неправилности, несоодветно однесување или други појави од надлежност на инспекциските служби на дежурниот телефонски број 075388797.

Целта на воведувањето на дежурствата е превентивно делување и навремено постапување при сите нерегуларности, недоследности и незаконитости на територијата на Општина Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »