Press "Enter" to skip to content

Со втората фестивалска вечер заврши првиот “Битолски чалгиски денови“ во Битола (фотогалерија)

-Два дена чалгија. Два дена традиција. Една Битола. Чаршијата запеа, Битола доби фестивал на чалгијата со кој се потврди дека визуелниот идентитет на фестивалот соодветствува со културата, историјата и музичкото богатство на градот.

-Вечерва одличен настап на “Љубојна“ и Битолскиот Чалгиски Оркестар.Вечерва со одржување на втората фестивалска вечер во Старата битолска чаршија, на малиот плоштад пред “Монмартр“ во Битола заврши првиот фестивал “Битолски чалгиски денови“, оживее автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија која се претвори во вистинска, жива сцена на старото битолско боемство.Градот два дена пулсираше во ритамот на традиционалната чалгиска музика, низ настанот „Битолски чалгиски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето “Битфест“ во организација на Културно-информативниот центар – Битола.Вториот фестивалски ден, 15 август го донесе и првото пајтонско дефиле по Широк Сокак на кое се појавија седум пајтони.Во вечерниот термин во Чаршијата повторно настапи “Чапче и Тајфата“, како загревање за главниот настан во завршниот ден. Групата “Љубојна“ и Битолскиот Чалгиски Оркестар направија одлична атмосфера, а присутните на платото во чаршијата, која беше претесна пееја заедно со Вера Милошевски чалгаџиски песни, а не беа изоставени и песните за Битола.Вистинска чалгаџиска – боемска атмосфера надополнета со пиво и скара на двата фестивалски денови кои останаа документирани со стотици фотографии, селфи фотографии и видеа на социјалните мрежи.Синоќа во старата битолска чаршија осветлена во фестивалски амбиент со настапот на ансамблите “Чапче и Тајфата“, “Филип Шурбевски Езгија квартет“ и “Мерак Чалгии“ со Димитар Андоновски и Бојан Стојков.Претходно на првото издание на Битолски чалгиски денови започна со започна со семинар за Канон – чалгиска музика водена од познатиот македонски музичар Филип Михајловски кој се одржа во Офицерски дом.Оригиналните песни, инструменти и препознатливиот звук, кои за Битола и битолските боеми значеле многу и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот. Оваа година чалгијата на посебен начин ќе ја заживее Битола, а посебно Старата битолска чаршија.Преку богата дводневна програма, чалгијата ќе биде претставена не само како музика, туку и како дел од културното наследство и препознатливиот градски идентитет.Инаку, чалгиската музика во Битола потекнува од богатата градска музичка традиција, којашто со векови комуницирала со големите светски музички центри. Влијанијата од Истанбул, Солун, Дамаск, како и од Виена и Париз, го обликувале она што денес го знаеме како чалгиски звук. Слично на модата од тоа време и музиката се делела на „Ала Турка“ и „Ала Франга“.За Битола и битолските боеми, оваа музика со нејзините оригинални песни и инструменти значела премногу, што е потврдено и од бројните преданија и легендарни музички имиња кои оставиле неизбришлив траг во културното наследство на градот.

Ж.Ристевска

Фото: С. Ристевски

More from КултураMore posts in Култура »