Утре започнува првиот уписен рок на прв циклус студии на УКЛО, за академската 2026/2027 година. Пријавувањето ќе се реализира на 18, 19, 20 и 21 август 2026 година. Пораката од УКЛО е студентите да ја искористат можноста да студираат на оние студиски програми на кои имаат желба и тоа да го сторат уште во првиот уписен рок, да обезбедат место во државна квота, бидејќи на најатрактивните студиски програми местата се пополнуваат уште во првиот уписен рок.
За значењето на Универзитетот за Битола, регионот и државата, перспективите за студентите што се отвораат преку членството во КОЛОРС Европската универзитетска алијанса https://uklo.edu.mk/colours/ и причините – зошто младите треба да го изберат УКЛО, разговараме со ректорот на Универзитетот, проф. д-р Игор Неделковски.
УКЛО годинава нуди 2.115 места за нови бруцоши, од кои повеќе од илјада се во државна квота. Дали тоа значи дека најголем дел од матурантите ќе имаат реална можност да се запишат како студенти финансирани од државата – на посакуваниот факултет и студиската програма?
-Да, студентите ќе имаат можност да студираат на оние студиски програми на кои имаат желба, но не сите во државна квота без плаќање на школарина туку само партиципација. Затоа апелирам сите заинтересирани да аплицираат на првиот уписен рок и да обезбедат место во државна квота, бидејќи на најатрактивните студиски програми местата се пополнуваат уште во првиот уписен рок.
Што добива еден студент кога ќе избере да студира на УКЛО, освен стекнување диплома?
-Вистинско знаење и вештини кои се многу поважно од дипломата. Но исто така пријателска и позитивна средина, индивидуален пристап и многу вон наставни активности – дружење, спорт, забава, поддршка во кариерниот и личниот развој.
Како УКЛО ги усогласува студиските програми во духот на новото време и потребите на пазарот на труд?
-УКЛО е пионер не само во државата туку без лажна скромност и глобално, во примена на нов иновативен начин на креирање на студиските програми со вклучување на наставниот кадар, работодавачите, алумните (поранешните студенти) и сегашните студенти. Со овој метод ќе добијат глас не само наставниот кадар (што е она што е светска пракса?), работодавачите (што би сакале како вештина да поседуваат идните вработени?), поранешните студенти (што им недостасувало најмногу кога се вработиле) и сегашните студенти (што им недостасува во текот на студирањето). Овој процес започна минатата година и очекуваме да продолжи и се прошири на сите студиски програми во наредниот период.
Практичната настава е сè поважна за студентите. Како УКЛО ја развива соработката со компаниите и институциите и какви можности имаат студентите за стручна пракса и полесно вклучување во работните процеси?
-Да, УКЛО го препознава тоа и уште пред три години направи пионерски чекор што овозможи дуално образование (практичниот дел од наставата да се спроведува во компаниите) и вклучување на стручњаци од праксата во изведувањето на практичната настава. Исто така студентите имаат можност за платена летна пракса за што континуирано објавуваме повици во соработка со нашите партнери.
УКЛО е дел од КОЛОРС Европската универзитетска алијанса. Што конкретно значи тоа за студентите и какви можности им отвора во текот на студирањето и колку студентите ги користат придобивките од оваа платформа и, сè друго што им е достапно преку УКЛО?
-Европско образование дома. УКЛО е здружен со уште 8 универзитети од исто толку ЕУ земји и студентите континуирано имаат можност за учество на наставни и воннаставни активности организирани од нашиот универзитет и било кој од другите универзитети членови на КОЛОРС Алијансата. Исто така преку Еразмус+ програмата да поминат еден семестар или цела студиска година на некој европски универзитет при што сите испити и други активности кои ќе ги завршат таму им се признаваат како да ги исполниле на УКЛО. Значи во вистинска смисла на зборот да добијат европско образование без да се изложуваат на никакви трошоци.
Дали студентите можат да се вклучат во научноистражувачки проекти, конференции и други активности уште за време на студирањето?
-Да, во сите научно истражувачки проекти е пракса (а во некои и обврска) да бидат вклучени и студенти. Исто така УКЛО организира и годишна студентска научна конференција и го издава првото македонско студентски научно списание Нови хоризонти.
УКЛО близу пет децении е еден од носителите на академскиот развој во Битола. Какво е значењето на Универзитетот денес за градот, локалната економија и регионот?
-УКЛО е столбот на развојот на пелагонискиот и југозападниот регион, а секако и градот Битола. Најголемиот дел од стопанственици, носители на јавни функции, експерти, менаџери и сл. се алумни на УКЛО. Тие преку своето работење создаваа можности за новите генерации. Што ќе рече дека без УКЛО значително ќе се влоши емиграцијата кон странство но и кон главниот град.
На што ќе биде ставен најголемиот акцент во развојот на УКЛО во наредниот период?
-Интернационализација, зголемена соработка со стопанството и заедницата, интензивирање на научно-истражувачката работа и воведување нови иновативни наставни и воннаставни активности.
Денес најголем дел од младите се наоѓаат на едно распетие и размислуваат – дали да студираат дома или во странство. Што би им порачале на оние кои се двоумат?
-Секогаш може да се замине некаде, но најдобра опција за почеток е да се остане дома и да се користат можностите да се добие европско образование дома. Топлината на домот не може ништо да ја замени, а можностите за образование на нашите универзитет не заостануваат од оние европските од ист ранг.
Која е Вашата порака до идните бруцоши – зошто токму УКЛО?
Затоа што УКЛО нуди европско образование од дома.






