Press "Enter" to skip to content

“Flowers Symphony“ и  магија под ѕвездите: во Пацио вечер создадена за арии, симфонии и летна магија (видео+фотогалерија)

-Во Битола летна вечер, ѕвездено небо, историски амбиент и музика што допира до срцето. “Flowers Symphony“ донесе вечер создадена како за најубавите оперски арии, италијанските канцони и големите филмски симфонии.

-Пациото на Завод и Музеј Битола беше совршената сцена за незаборавна симфонија под летното небо.Под диригентската палка на Владимир Димовски, Оркестар “DIVA“ со “Flowers Symphony“, и ова лето и понуди на публиката уникатно музичко доживување низ различни епохи, жанрови и емоции.Овогодишната програма ја обедини моќта на симфониската музика со емоцијата на оперските арии, романтиката на италијанските канцони и впечатливоста на најпознатите филмски композиции.Пред преполниот простор на Пациото, публиката имаше можност да ужива во музиката на легендарните филмски композитори Енио Мориконе, Џон Вилијамс и Ханс Цимер, но и во внимателно одбран репертоар од познати оперски арии и италијански песни.Моќните вокални интерпретации на оперските солистки Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, настапот на хорот “Гортинија“ од Гевгелија, под водство на Илија Атанасов, како и специјалните гости Наде Талевска и Билјана Талевска и дадоа на вечерта посебна свеченост и раскош.Публиката во Пациото не беше само слушател – таа беше дел од едно заедничко музичко доживување.

Во тишината меѓу тоновите, во аплаузите и во моќните кулминации, се создаде онаа посебна магија поради која музиката останува долго по завршувањето на последниот тон.“Flowers Symphony“ уште еднаш покажа дека добрата музика не познава граници – таа ги спојува операта, канцоната и филмската музика во една моќна приказна, која останува во сеќавањето долго по последниот тон.Ова издание кое донесе освежена и проширена програма, која ја спојува силата на симфонискиот звук со емоцијата на оперската музика, романтиката на италијанските канцони и впечатливоста на најпознатите филмски композиции, утре ќе биде изведено во Долни Сарај во Охрид, од 21 часот.

-Вечерва Пациото беше исполнето со прекрасна енергија и аплаузи кои долго ќе ги паметиме. Уште еднаш заедно создадовме вечер каква што заслужува “Flowers Symphony“. Ви благодариме што бевте со нас, што ја почувствувавте музиката и што ја споделивте оваа вечер со нас. А утре приказната продолжува… Охрид, се гледаме!, напишаа од Оркестар “DIVA“после концертот во Битола. 

Ж. Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »