Press "Enter" to skip to content

Студентска приказна од студентите на ФИКТ – не само Факултет туку и заедница

Кога се слуша: зборот, гласот и искуството од студентите, тогаш промоцијата за еден факултет добива поинаква тежина. Токму по тој принцип Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола подготви ново промотивно видео https://www.instagram.com/reel/DbbTw3ct0_N/?igsi=MTNuZnF6NHF4a28wMQ==, во кое студентите се во главната улога и ја раскажуваат својата приказна за студирањето, можностите и животот на ФИКТ.

Наместо класична промоција, во видеото студентите зборуваат од сопствено искуство – за студиските програми, знаењата и практичните вештини што ги стекнуваат, учеството на хакатони, работата на проекти со професори, соработката со ИТ-компании и можностите за студентска мобилност.

Но, приказната не застанува тука. Дел од нивните искуства се однесуваат и на она што не се учи од учебник – поддршката од професорите, студентскиот активизам, пријателствата, предизвиците и моментите кои го обликуваат нивниот пат кон идната професионална кариера.

Идејата за ваквиот пристап е на продеканката за настава на ФИКТ, проф. д-р Мимоза Богданоска Јовановска, која истакнува дека студентите со својата креативност и иновативност најдобро го претставуваат духот на Факултетот.

Посебна тежина има и фактот што студентите доброволно се вклучиле во снимањето, издвојувајќи дел од своето летно попладне, во услови на високи летни температури. Нивната мотивација, како што велат од ФИКТ, била едноставна – да го споделат сопственото искуство со младите кои допрва носат одлука каде ќе го продолжат своето образование.

Од Факултетот упатуваат благодарност до студентите кои застанаа пред камерата и уште еднаш покажаа дека ФИКТ не е само место каде што се стекнува академско знаење, туку заедница која ја создаваат и развиваат токму студентите.

Пораката до идните бруцоши е јасна: информатичките науки се еднаиод најактуелните области за професионален развој, а ФИКТ им нуди можност уште во текот на студиите да стекнуваат практични искуства, да работат на проекти, да се поврзуваат со ИТ-секторот и да го градат својот професионален профил.

Најдобрата реклама за еден факултет не е она што институцијата ќе го каже за себе, туку она што за неа ќе го кажат луѓето кои секојдневно го живеат нејзиниот дух, е пораката што ја испраќаат од ФИКТ.

Сите заинтересирани идни студенти се поканети да ја искористат можноста и да станат дел од академската и студентска заедница на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола  каде уписите продолжуваат со втор и трет уписен рок: 9, 10 и 11.09.2026  и 23 и 24.09.2026 https://uklo.edu.mk/blog/upisi-2026-27/.