-Господски и боемски со душа, со срце и со многу љубов создаде вечер за паметење .
-Под ѕвезденото небо на античка Хераклеа, синоќа се собра повеќе од 3.000 публика, која пристигна не само од Битола туку и околните места.
-Хераклеа беше исполнета со љубители на музиката на Владо Георгиев, кои дојдоа да уживаат во неговите безвременски хитови и препознатливиот боемски сензибилитет.
Во магичната летна ноќ, античкиот локалитет се претвори во голема музичка сцена, каде што публиката заедно со својот миленик ги пееше добро познатите рефрени од неговите хитови : „Анџеле“, „Нисам љубоморан“, „До свитања“, „Ти и ја“, „Хеј ти“, „Без тебе“, „Само реци да“, „Требам те ја“, „Плава девојко“ и уште многу песни, кои со години живеат во срцата на неговите слушатели.
Рефрените ги пееше целата Хераклеа, а во некои моменти гласот на публиката се слеваше со неговиот – создавајќи посебна, интимна атмосфера.
Особено впечатлива беше женската публика, која со голема емоција ги следеше секој стих и секој рефрен. За многу дами Владо Георгиев е долгогодишен миленик и идол, а синоќа тоа беше повеќе од очигледно.
Но, концертот беше и вистинска романтична приказна – бројни парови ја поминаа вечерта прегрнати, уживајќи во неговите љубовни песни под ѕвезденото небо на Хераклеа.
Владо не само што пееше – тој ја живееше секоја песна. Со пијано, глас и огромна сценска енергија, настапот го носеше со искрена емоција. Особено нагласи дека се чувствува добро кога пее во живо, без да ја сокрива емоцијата зад студиски совршенство.
Токму во тоа е и неговата сила – во непосредниот контакт со публиката и во начинот на кој секоја песна ја претвора во лична приказна.
А, кога станува збор за звукот, концертот беше технички на високо ниво. Озвучувањето беше чисто и одлично избалансирано, а сценските ефекти и осветлувањето дополнително придонесоа за одличната атмосфера.
Сè заедно го направи концертот професионален и вистинско уживање за публиката.
Хераклеа синоќа не беше само концертна сцена – беше место каде што се пееја љубов, спомени и песни што траат.
Публиката пееше, паровите уживаа, женската публика го славеше својот миленик, а Владо Георгиев со жива музика и искрена емоција ја претвори ноќта во незаборавна боемска приказна.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска
Фотогалерија:
https://www.facebook.com/photo/?fbid=1689933012845518&set=pcb.1689935059511980










