Press "Enter" to skip to content

„Инженерски прстен 2026 – успешни приказни од УКЛО“ – циклус на Битола њуз

Стефана Димитриеска од УКЛО – добитник на „Инженерски прстен“: Признанието е чест, но и голема одговорност

Стефана Димитриеска, дипломиран универзитетски инженер по графичко инженерство и дизајн од Техничкиот факултет – Битола, е една од 14-те најуспешни дипломирани инженери во земјава кои годинава ќе го добијат престижното признание „Инженерски прстен“. Таа е една од двајцата млади инженери од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола заедно со Симеон Наловски, дипломиран студент на Факултетот за информациски и комуникациски технологии – Битола, кои се избрани меѓу овогодишните добитници на високата награда што се доделува на најуспешните дипломирани инженери кои со своите резултати, знаење и посветеност се издвоиле како најдобри претставници на своите генерации.

Како го доживува признанието, што значи тоа за нејзиниот професионален пат и каква порака има за идните инженери – открива во разговорот за Битола њуз.

Како го доживуваш признанието „Инженерски прстен“:

Добивањето на признанието „Инженерски прстен“, секако дека е голема чест но и обврска, зашто истото ќе треба да се оправда во текот на нашиот понатамошен професионален живот, без разлика дали ќе се продолжи образованието на повисоките циклуси на студирање или ќе се влезе во реалниот сектор, каде ќе се стават во функција стекнатото образование за време на студирањето, односно здобиените вештини, теоретски знаења. Во секој случај да, чест е, но и голема одговорност.

Што според тебе носи ова признание?

-Признанието само посебе значи многу, можеби се очекува дека „носи“ некакви права но пред се сметам дека треба да доминираат обврските кои стојат пред нас. Усовршувањето, работата, желбата за напредок во еден или друг правец, секако во областа за која сум наградена, бараат понатамошно залагање, постојано доусовршување, надоградба, посветеност, што ќе рече призанието заокружува еден дел од образованието но е добра база за понатамошно позиционирање во областа во која сме започнале.

Кои се твоите идни планови за професионално и академско усовршување?

-Како секој млад човек, секако дека имам планови, визија каде се гледам во иднина. Предизвик е да се излезе надвор, да се види друг систем на образование, но од друга страна стекнувањето на практично знаење со работа во реалниот сектор е и тоа како потребно, можеби неопходно. Сепак новите технологии, особено во оваа област овозможуваат, надообразба па и работа од дома. Не можам да дадам конкретен одговор на ова Ваше прашање околу моето професионално и академско усовршување, зашто дилемата што е подобро дома или надвор, работа или донаобразба, сеуште постои.

Каква порака би им упатила на идните студенти – идни инженери?

-Од мала ја слушав реченицата „инженерите не создаваат проблеми, инженерите ги решаваат проблемите“. Секако не мислам на проблеми во буквална смисла на зборот. Можеби со јазикот на инженерите зборот „проблем“, би го заменила со зборот „предизвик“ или уште подобро со „креативност“. Со оглед на тоа што моето академско звање е дипломиран универзитетски инженер по графичко инженерство и дизајн, природно е да ја упатам пораката, сите идни студенти, инженерството слободно да го стават во улога на креативноста, дизајнот, уметноста, иновативноста, односно да им дадат „душа“ на техничките науки. Воедно сметам дека вештачката интелигенција, не смееме да ја сфатиме како конкуренција, бидејќи човекот, односно инженерите ќе го имаат последниот збор уште долго време.

Свеченото доделување на „Инженерскиот прстен“ 2026 ќе се одржи на 4 септември, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, каде што признанијата на овогодишните добитници ќе им ги врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Успехот на Стефана Димитриеска е уште една потврда за потенцијалот на младите инженери кои своето образование го стекнуваат на УКЛО и поттик за идните генерации студенти да продолжат да вложуваат во знаењето, креативноста и професионалниот развој.

More from ВестиMore posts in Вести »