Press "Enter" to skip to content

„Градот чита поезија“ – 10 обновени клупи, 10 приказни, многу стихови и еден град што чита

Поезијата излезе од книгите и доби свое место во јавниот простор на Битола!

Со обновени клупи, стихови и млади волонтери кои својот ангажман го претворија во конкретна промена во јавниот простор, денеска во Битола заврши волонтерската акција „Градот чита поезија, реализирана од Младинскиот културен центар – Битола, во рамки на Програмата за младинско лидерство Global Learning.

Во рамки на акцијата, која се реализираше од 25 до 27 август, младите волонтери работеа на чистење, подготовка и бојадисување на 10 клупи во парковите околу Саат Кулата во Битола. На обновените клупи се поставени информативни таблички со кратки стихови од избрани автори, како и QR кодови преку кои граѓаните можат да пристапат до дополнителни информации за авторите и нивните дела.

Целта на иницијативата беше поезијата да се извади од традиционалните рамки и да се донесе поблиску до граѓаните – во просторот во кој секојдневно живееме, се движиме, одмораме и се среќаваме. На овој начин, клупите не се само обновен дел од јавниот простор, туку стануваат мали места за читање, откривање и инспирација. Секој што ќе седне на една од нив има можност да прочита стих, да открие автор и, преку QR кодот, да дознае повеќе за неговото творештво.

Завршниот настан се одржа денеска пред Саат Кулата, каде што беа презентирани резултатите од акцијата и процесот низ кој поминаа младите волонтери. Присутните имаа можност да ги видат обновените клупи и да ја запознаат идејата зад иницијативата. Посебен дел од акцијата беше учеството на младите волонтери, кои со своето време, труд и ангажман придонесоа за создавање на поубав и побогат јавен простор. Преку нивното учество, акцијата испрати порака дека волонтерството не значи само да се помогне, туку и заеднички да се создаде нешто што останува и што може да го користи целата заедница.

Во реализацијата на „Градот чита поезија“ свој придонес дадоа и авторите чии стихови се избрани за табличките, со што поезијата доби нов начин да стигне до читателите – директно во јавниот простор.

„Сакавме поезијата да ја донесеме таму каде што луѓето навистина се – во парковите, на улица, во просторот каде што застануваат и одмораат. Истовремено, сакавме младите да бидат тие што ќе создадат промена и ќе остават нешто зад себе во својот град. Веруваме дека токму ваквите мали интервенции можат да создадат големи моменти на поврзување со културата и со заедницата“, порачаа од Младинскиот културен центар – Битола.

Со „Градот чита поезија“, поезијата излезе од книгите и доби свое место во секојдневието на граѓаните – на клупите каде што застануваме, одмораме, разговараме и поминуваме дел од денот. А младите волонтери оставија трага што ќе остане видлива и достапна за целата заедница.