Press "Enter" to skip to content

Двојното винил издание на “Фолтин“ промовирано со слушачка сесија во Божиновски Галерија

Во атмосфера посветена на музиката, звукот и три децении концертна приказна, во “Божиновски Галерија“ во Битола беше одржана слушачка промоција на FOLTIN LIVE – двојното винил издание кое ja претвора концертната енергија на бендот во трајна звучна меморија.FOLTIN LIVE ја носи музиката на Фолтин онаму каде што таа најмногу сака да биде: во живо. Изданието е снимено целосно во живо, на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а печатено во Виена според највисоките стандарди за винил продукција. Резултатот е звучна монографија на концертниот идентитет на Фолтин и документ за бенд кој веќе три децении упорно одбива да остане во само една фиока – па така, без многу објаснување, ги спојува концертот, театарот, перформансот и чистата музичка радост.

На слушачката промоција во Божиновски Галерија, присутните имаа можност повторно да го доживеат звукот на Фолтин, овојпат од винил, во простор кој и самиот ја спојува историјата, современоста и вниманието кон деталот.Звукот доаѓаше од внимателно интегрираниот систем од 39 звучници во галеријата, од кои дел намерно потсетуваат на камери – суптилна референца на браќата Манаки и нивната камера. Звучниците се изработени од инженерскиот тим на Теохаров. Лимитираната серија рачно нумерирани и потпишани плочи FOLTIN LIVE е наменета за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот.Изданието е достапно преку веб-страницата на Фолтин, а плочите може да се подигнат и во продажните салони на Божиновски часовници и накит на Широк Сокак во Битола и на улица Македонија во Скопје. За останатите градови, изданието се испраќа по карго. Во година во која Фолтин слави 30 години на сцена, а Божиновски 30 години вредност и прецизност, FOLTIN LIVE станува заеднички јубилеен запис – музички документ создаден да остане.

Но, винилот е само едната страна на приказната. Најубавите концертни приказни, сепак, се случуваат во живо.ФОЛТИН СЕ ВРАЌА НА ХЕРАКЛЕА

Во сабота, 29 август, Фолтин се враќа таму каде што започна една од најважните приказни на бендот – на Хераклеа.

По три децении, под битолското небо, во амфитеатарот каде што Фолтин го одржа својот прв концерт, ќе се случи јубилејниот концерт FOLTIN 30 години концерти.

Една вечер што, по сè изгледа, никогаш не заврши.

29 август | 20:00 часот | Хераклеа, Битола

Влезниците се достапни преку MK Tickets и Tobacco Brothers.

More from КултураMore posts in Култура »