Press "Enter" to skip to content

„Инженерски прстен 2026 – успешни приказни од УКЛО“ – циклус на Битола њуз

Симеон Наловски од УКЛО меѓу добитниците на „Инженерски прстен“ Признанието е заокружување на една важна етапа

 Симеон Наловски, дипломиран студент на Факултетот за информациски и комуникациски технологии – Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, е меѓу 14-те најуспешни дипломирани инженери во земјава кои годинава ќе го добијат престижното признание „Инженерски прстен“. Наловски е вториот овогодишен добитник од УКЛО, покрај Стефана Димитриеска од Техничкиот факултет – Битола. Нивниот успех претставува значајно признание и за Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и неговите инженерски студиски програми. За Наловски, „Инженерскиот прстен“ претставува признание за вложениот труд, истрајноста и посветеноста во текот на студирањето, но истовремено и потсетник дека професионалниот развој продолжува и по дипломирањето. Како го доживува признанието, што значи тоа за нејзиниот професионален пат и каква порака има за идните инженери – открива во разговорот за Битола њуз.

„Добивањето на признанието ‘Инженерски прстен’ е заокружување на една важна етапа од животот, со што уважени се вложениот труд, истрајноста и посветеноста за време на студирањето. Но, самиот Инженерски прстен носи и доза на одговорност за понатамошно професионално и академско усовршување и надградување“, вели Наловски.

Тој упатува благодарност до академската заедница на факултетот, која била дел од неговиот пат кон професионалниот успех.

“-Би сакал да се заблагодарам на Факултетот за информациски и комуникациски технологии – Битола, почнувајќи од професорите и асистентите па сè до колегите кои беа дел од овој процес, посочува Наловски.

Признанието има и дополнително значење за Факултетот за информациски и комуникациски технологии – Битола. По неколкугодишна пауза, најдобриот дипломиран студент на факултетот веќе трета година по ред е меѓу добитниците на „Инженерски прстен“.

-По неколкугодишна пауза, веќе трета година по ред најдобриот дипломиран студент на Факултетот за информациски и комуникациски технологии – Битола е добитник на признанието “Инженерски прстен“, со што се афирмира успешноста на факултетот во создавањето на инженерски кадар и се оправдува мисијата и визијата на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола“, вели Наловски.За него, успехот не треба да биде само лично достигнување, туку и поттик за идните студенти кои допрва ќе го избираат својот професионален пат.

-Верувам дека можноста да се биде добитник на признанието “Инженерски прстен“ е дополнителен мотив за идните студенти во насока на избор за студирање на некоја од инженерските дисциплини, како и поттик кон темелно и посветено изучување на истите, истакнува тој.

Овогодишното признание за Симеон Наловски доаѓа како потврда на неговиот досегашен академски успех, но и како нов поттик за продолжување на професионалниот и академскиот пат.

Свеченото доделување на „Инженерскиот прстен“ 2026 ќе се одржи на 4 септември, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. Признанијата на 14-те најуспешни дипломирани инженери ќе им ги врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Успехот на Симеон Наловски е уште една потврда за потенцијалот на младите инженери кои своето образование го стекнуваат на УКЛО и поттик за идните генерации студенти да продолжат да вложуваат во знаењето, креативноста и професионалниот развој.