Потпишувањето Меморандуми за соработка најчесто претставува почетна платформа за идни заеднички активности помеѓу потенцијални партнери. Сепак, за да се стигне до взаемно познавање и конструктивни релации, потребни се извесни претходни интеракции, коишто во овој случај претставуваа чекори кон градење квалитетно партнерство.
Формалниот чин на потпишување на меморандумите го направија претставничките проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, академски раководител на УКЛО КОЛОРС а сега раководител на Хабот за тројна транзиција: социоекономска, зелена и дигитална, и воедно раководител на проектот Гринстарс и м-р Бисера Бијелиќ-Стојчевска, координатор за настава во САБА.
Имено, во рамките на проектот Гринстарс – Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации се промовира науката до граѓанството преку активности на Европската ноќ на истражувачи на 25 септември 2026 година и Истражувачи во школи низ текот на целата година. Универзитетот Св. Климент Охридски Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, следните две години е дел од македонскиот конзорциум на партнери кои се реализатори на овој проект во трите главни центри Битола, Штип и Скопје, нивните региони, како и низ целата држава. Токму овие се првите координати коишто се поклопуваат со функционирањето на Средношколската Академија за Бизнис и Администрација – ПСУ САБА.
Универзитетот Св. Климент Охридски Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, во проектот Избери наука! е носител на активностите за омасовување на оригиналниот пристап #Science4Reel што УКЛО-вата иницијаторка на #COLOURSjuniors, радиоводителката од УКЛО ФМ Ноела Нечкоска го воведе со своите креативни видеа од научна летна школа. Пристапот #Science4Reel значи преточување на научен концепт во кратко интересно видео, со што истиот би постанал разбирлив и применлив за секого. Средношколците и менторите од САБА веднаш одговорија на овој предизвик за креативна соработка преку вклучување во работилници од Академскиот медиумски центар на УКЛО КОЛОРС, обука во подкастот Што го врти светот! и преку експериментална изработка на првите видеа од научните области лингвистика, македонистика и англистика (Видео1, Видео2). Следно, тимот на Гринстарс од УКЛО и средношколците и нивните ментори од САБА ќе ги покриваат со аудио, фото и видео репортажи активностите на Европската ноќ на истражувачи и Истражувачи во школи низ целата година, што за средношколците и студентите ќе значи градење на знаења вештини и компетенции како креативност, новинарство, фото, видео и графички дизајн, како и организациски и презентациски вештини и тимска работа. Ова претставуваа вторите координати за поврзување на УКЛО КОЛОРС и проектот Гринстарс со САБА.
Иницијално, во рамките на активностите на Алијансата КОЛОРС, средношколците и менторите од САБА сега веќе традиционално учествуваат и во ПОГОН а соработувале и со факултетите на УКЛО низ државата.
Врз сите овие основи, Универзитетот и САБА потпишаа Меморандум за соработка, како широка рамка во која уште поплодно и подиректно ќе се овозможи заедничкото дејствување.






