Press "Enter" to skip to content

Фото вест: Широк Сокак место за нови пријателства, но потврда на старите

Летово Широк Сокак во Битола преку цел ден е посетен, посебно во вечерните часови кога “врие како во кошница“, а тука се корзираат битолчани, иселениците кои се вратени во Битола и нивните гости…

Нема битолчанец кој летово на Широк Сокак не се виде, не се израдува и не се прегрна со стар другар, пријател, роднина, комшија… Нема битолчанец е дојден во Битола на одмор, и не се потсети на некое убаво дружење со некој кој е тука, со некој кој е иселен во друга држава, друг континент, а теми на разговор колку сакаш, само да имаш време, за сеќавања, анегдоти, мајтапи од некое претходно не така, или така долго минато време, секак0 кој како чувствува.

Сите со една мисла кажана во една реченица: како брзо помина времето…

Во таа гужба забележавме и фотографиравме едно измешано друштво од битолски деца кои се тука и деца од Битола кои за жал се иселиле и не се дел од нашето секојдневие, а летово како и некои други лета се во Битола.

Но, ова друштво е посебно бидејќи спојува она што е карактеристично за Битола, ракометот и серенадата. Тука беа Златко Димитровски – ракометар, Кире Божиновски – едно време водач на “Чкембарите“ и што се уште не, Балто од Мелбурн од Австралија – дел од една Управа на РК Пелистер, и други битолски деца. А, сите сигурно ја испеаја серенадата “Пусти мерак Ратке“ бидејќи со нив беше и Боби Поповски од Мелбурн од Австралија, кој е автор на легендарната серенада посветена на неговата тетка од Битола, Ратка Поповска, за нејзината непреболена љубов.

Дали сите заедно го отпеаја рефренот “Пијан да бев ќе се отрезнев, болен да бев јас ќе оздравев, ама пусти мерак, за Битола, никако да помине“…, останува тие да ни кажат.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »