Преку изложба на фотографии, експонати и видео материјали од богатата архива на АД ЕСМ, во Музејот на Град Скопје, во присуство на претседателот на Владата Христијан Мицкоски е отворена уметничката поставка „Моќта на водата ја претвораме во енергија“, со која симболично e означен почетокот на реализацијата на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните – трета фаза“.
Станува збор за еден од најзначајните инвестициски циклуси во историјата на АД ЕСМ, чија проценета вредност изнесува околу 46 милиони евра. Од средствата, 35 милиони евра се заем од германската развојна КфВ банка, а 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Проектот кој ќе се одвива во наредните неколку години опфаќа модернизација на шест големи хидроелектрани (Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица) во рамките на трите системи: ХЕС „Маврово“, ХЕС „Црн Дрим“ и ХЕЦ „Тиквеш“. Со замена на застарената опрема ќе се намалат прекините во работата, ќе се продолжи работниот век на постројките и ќе се зголеми оперативната безбедност, со што се обезбедува сигурно балансирање и испорака на електрична енергија кон електроенергетскиот систем.
„Токму овој крупен зафат е силен предвесник на новата ера на компанијата. Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги, ќе ни донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи“, изјави Лазо Узунчев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ.
„Северна Македонија има голем хидропотенцијал, но за негово искористување потребно е модернизирање на постројките. ЕУ придонесе за ревитализација на 6 хидроелектрани со грант во износ од 11,2 милиони евра. Преку Планот за раст, ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.
„Заедно со Европската Унија, Германија ја поддржува Северна Македонија во изградбата на одржлив и отпорен енергетски систем. Соработката со KfW е насочена кон модернизација на клучната енергетска инфраструктура, која претставува темел за домашната енергетска безбедност и значителен придонес кон нашите заеднички европски климатски амбиции“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
Проектот се реализира како дел од Енергетскиот пакет за поддршка на ЕУ за Западен Балкан, кој ја поддржува одржливата енергетска транзиција на регионот преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
За АД ЕСМ
АД ЕСМ е државна компанија за производство на електрична и топлинска енергија која претставува еден од клучните столбови на македонскиот енергетски сектор. Нејзин главен фокус и стратешка цел е интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, со што активно придонесува кон одржлив развој. Преку оваа насока, компанијата ги предводи процесите за целосна и успешна енергетска трансформација на земјата.
ЗА ИНВЕСТИЦИСКАТА РАМКА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН (WBIF)
Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) е заедничка платформа на ЕУ, меѓународните финансиски институции и билатералните донатори, која комбинира бесповратни средства и заеми за развој на стратешка инфраструктура во регионот. Во рамки на Енергетскиот пакет за поддршка на ЕУ за Западен Балкан, вреден една милијарда евра, WBIF издвои 500 милиони евра за модернизација на енергетската инфраструктура и одржлива енергетска транзиција.






