Press "Enter" to skip to content

Регионална платформа за млади во Битола – моделот од Пелагонија со потенцијал за примена и во други региони во земјата (фото)

Дваесет и четири усвоени регионални мерки, од кои 13 веќе реализирани, Регионална платформа за млади која ги поврзува деветте општини и граѓанските организации од Пелагонија и прва национална проценка за тоа како Законот за младинско учество и младински политики функционира во пракса. Со овие резултати завршува проектот „Младински политики по мерка на младите“, но продолжува моделот на соработка создаден преку него.Резултатите беа претставени пред повеќе од 100 учесници на завршниот настан во Офицерскиот дом во Битола, во присуство на министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, градоначалници, претставници на институциите и граѓанските организации и млади од регионот.Потребата од поинаков пристап кон младинските политики станува уште појасна ако се погледнат демографските податоци. За две децении, меѓу двата пописи, Пелагонија изгубила повеќе од 16.000 млади на возраст од 15 до 29 години.

Прашањето затоа не е само што институциите можат да им понудат на младите, туку што тие велат дека им е потребно за да живеат, работат и ја градат својата иднина тука.Од оваа идеја произлезе Регионалната платформа за млади, воспоставена од Про Локал заедно со партнерските граѓански организации и сите девет општини од Пелагонија. Младите ги посочуваат проблемите и предлагаат решенија, општините учествуваат во нивното преточување во конкретни мерки и обезбедуваат средства за нивна реализација, а граѓанските организации го следат процесот и спроведувањето.На овој начин, младинското учество не завршува со консултација. Од предлозите на младите досега произлегоа 24 мерки на регионално ниво, а 13 од нив веќе се реализирани.Еден од примерите е поддршката за менталното здравје на младите во Битола. Мерката произлезе директно од потребите што ги посочија младите, а во нејзиното спроведување беа вклучени психолозите од сите седум средни училишта во општината. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, го посочи овој пример како доказ дека кога младите се вклучени во процесот, нивните предлози можат да прераснат во конкретни локални мерки.Но, искуството од Пелагонија отвори и едно пошироко прашање – колку механизмите предвидени со Законот за младинско учество и младински политики навистина функционираат во пракса?

За да се добие одговор заснован на реални искуства, Про Локал ја спроведе првата национална проценка на примената и влијанието на Законот, во која беа вклучени повеќе од 60 претставници на институции, локални самоуправи и граѓански организации од целата земја. Истражувањето утврдува што функционира, каде примената на Законот наидува на пречки и што треба да се промени за младинското учество да не остане само законска обврска.Врз основа на наодите од истражувањето и искуството од Пелагонија, Про Локал ќе достави предлози за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики до надлежните институции.

Потенцијалот на регионалниот модел беше препознаен и на завршниот настан. Министерот Ѓоко Велковски нагласи дека новите политики и законски обврски не мора секогаш да значат создавање нови институции и дополнителна администрација. Решението може да биде во подобро поврзување на она што веќе постои – општините, институциите, граѓанските организации и расположливите ресурси – и ја истакна улогата на Про Локал во поврзувањето на потребите на граѓаните со локалните и националните политики.Директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, истакна дека „Младински политики по мерка на младите“ е еден од најуспешните проекти меѓу повеќе од 500 грантови поддржани преку програмата, нагласувајќи дека неговата вредност е токму во резултатите и соработката кои продолжуваат и по завршувањето на проектниот циклус.

Следниот чекор е моделот развиен во Пелагонија да се тестира, приспособи и валидира и во други региони во земјата, додека во Пелагонија соработката продолжува да се надградува преку Регионалниот PELO Hub, кој треба посилно да го вклучи и приватниот сектор и да ги поврзе младите со можности за вработување, менторство, претприемништво и професионален развој.

„Не можеме во секое населено место да ја имаме целата инфраструктура и сите можности што им се потребни на младите. Но можеме да ги здружиме ресурсите што ги имаме во регионот и да направиме тие можности да им бидат достапни, без разлика каде живеат. За тоа да го направиме, прво треба да ги слушнеме младите – што им недостига, што им е важно и што би направило тие својата иднина да ја гледаат тука“, истакна Емилиа Ѓероска, претседател на Про Локал.

More from ВестиMore posts in Вести »