Press "Enter" to skip to content

Општина Новаци: изградената пречистителна станица во село Добромири

Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, денес изврши увид во изградената пречистителна станица во село Добромири, која е дел од системот за новоизградената канализациона мрежа во селото.

-Со изградбата на оваа пречистителна станица создаваме современо и одржливо решение за третман на отпадните води и значително придонесуваме за заштита на животната средина и подобрување на условите за живот на жителите на Добромири. Самата пречистителна станица е составена од повеќе функционални делови, меѓу кои собирна шахта со Имхофов таложник, биолошки реактор, песочен филтер, собирни шахти и бајпас преливи. Поставени се и две муљни пумпи, како и целосно изработена компресорска станица со два нископритисни компресори, со капацитет од 50–100 м³/час, рече Стевановски.За напојување на пумпите се поставени фотоволтаични панели – 10 панели со поединечна моќност од 545 W. Со тоа обезбедува производство на електрична енергија од обновлив извор, а истовремено овозможуваме пониски трошоци за електрична енергија и поекономична експлоатација на пречистителната станица.

-Ова е уште еден пример дека во Општина Новаци инвестираме во инфраструктура која не значи само изградба, туку долгорочно и одржливо решение за граѓаните. Со новата канализациона мрежа и пречистителната станица, жителите на Добромири добиваат подобри услови за живот, а нашата општина прави уште еден значаен чекор кон почиста животна средина, современа инфраструктура и зелена и енергетски поефикасна иднина, рече Стевановски, и додаде:

-Продолжуваме да инвестираме во проекти кои остануваат за идните генерации.

More from ВестиMore posts in Вести »