Press "Enter" to skip to content

Епопеја за Јане – Пиринскиот цар за вечност (1)

Обидот да создадам еден сериозен и сеопфатен запис- трактат за големиот македонски револуционер Јане Сандански, за неговото значаење во македонската револуционерн борба од првата половина на дваесеттиот  век и  сите рефлексии што неговото дело и светоглед  длабоко  забраздија во историјата и историографијата (чија и да е, каква и да е, бугарската, руската, српската, турската, европската, американската и особено нашата), пишувана од негови соборци, истомисленици, неистомисленици, противници, индоктринатори, асимилатори, кројачи на судбини, историчари, квазиисторичари, политиканти ( пред се на неговата и на останатите македонољупци), подоцна и научници и академици (наши и недобронамерни туѓи),  свесен бев дека е тоа многу тежок пат за одгатнување и правилно валоризирање на фактите, настаните, револуционерната борба на еден наш исполин и неговиот животен патоказ. Сепак, вредеше за големиот македонољубец и неговата светлозрачна правостоина, неговите две децении непокор во кои беше постојана мета на врховистичките терористи, дури и два пати беше рануван во Солун, пред да биде убиен  “од платените убијци кои беа само слепи орудија на софискиот наредбодателски центар“ (како што пишува академик Манол Пандевски), да бидат и на ваков начин одбележани. Зошто толку и зошто така, а одговорот е толку јасен- тој беше најдоследниот непомирлив борец против инфилтрацијата на големобугарскиот врховизам од секаков вид и форма во македонското револуционерно и ослободително движење.

Дека припаѓа на самиот врв во македонското револуционерно движење до Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Даме Груев, Петар Поп Арсов и Димо Хаџи Димов, е неспорен и валоризиран историско- научен факт. Барем кај нас, а кај бугарските историско- политички наративи, работите стојат малку поинаку. Но, Јане најдолго остана во борбените редици, се до атентатот врз него во 1915 години, дванаесет години по убиството на Гоце, по Илинден и поствостаничките години во кои се испреплетија многу судбински и судбоносни настани – од смртта на Даме Груев, атентатот врз Борис Сарафов и Иван Гарванов, преку Хуриетот, Балканските војни и Првата светска војна.

И малку за насловот. Сандански имал неколку познати прекари кои носат по нешто во народната претстава за него. “Пиринскиот цар“ кој  е најпознат и затоа го одбрав за централниот наслов, бидејќи имал огромно влијание и авторитет во Пиринскиот крај. Вториот е “Сандан паша“ оти ја одразувал неговата моќ и стравопочитта во османлиското време. Третиот бил “Старикот“, како што го нарекувале неговите соборци, иако бил релативно млад, а забележан е во сведоштвата на неговите четници. “Пиринскиот цар“ не била само поетска титула, туку упатува за неговиот авторитет на тие простори.

Овој пат, сметав дека треба да го избегнам стандардниот хронологизам според следот на настаните и случувањата, а најпрвин да изнесам моја согледба  за пласирањето на “аргументи“ во  негова девастација.

1. Јане “соработник“  со бугарската власт, па дури и “шион“?

Не така дамна, при една седенка и кафе – муабет на Шеталиштето,  со еден мој пријател и познавач на македонската историја  дискутиравме за комитопулите и царот Самуил, како рефлексија на мојот триптих на таа тема. Во таа прилика помина еден познаник, јавна и успешна личност од ИТ- секторот и ме праша што тема ќе имам во наредната колумна. Му реков дека истражувам повеќе аспекти за Јане, а тој онака провокативно ме запраша дали имам нешто за Јане “кога одел на скришно кај бугарскиот цар Фердинанд“. Не одговорив ништо, ама истражував некои работи за оваа мантра што упорно и со децении се пласира, се со цел, колку може повеќе или како- така, да се оцрни Јане.

Ми се чини дека  најпрвин работите треба да се разгледаат во контекст на Втората балканска војна, нели периодот од јуни – јули 2013 година. Тука се испреплетени три работи – односот на Бугарската држава кон Сандански, неговиот македонски политички концепт и сомнежите за негови контакти со дворот на Фердинанд, работа што провејува до денешни дни. Значи, Јане добива амнестија (и не само тој), од проста причина што Софија разочарана од последиците (воени и со меѓународен договор), се спрема за влез во Првата светска војна и потребен и е секаков компромис. Значи, амнестијата автоматски не значи политичка согласност, а контактот со владетелот (ако го имало), не е доказ за договор. За Сандански, кој имаше долгогодишен конфликт со десницата во македонското револуционерно движење, тоа разграничување е особено важно.

Амнестијата од Народното собрание на Бугарија во јули 1914 била една година по Втората балкнаска војна и  донесена со Закон за простување на македонските револуционери. Една од причините била поддршката од Демократската партија, како иницијатори, а помирувањето било интерес за смирување на политичките судири. Згора на се, Сандански имал голем број на приврзаници и силно влијание, а секако не бил некој бегалец туку политички фактор кој не можело да биде пренебрегнат. Значи, никако не може да се каже дека имало помирување меѓу Сандански и Фердинанд. Дури има податоци дека продолжил да се спортиставува на политичкиот курс на царот.

Димитрија Чуповски од својот удобен филолошки кабинет во Санкт Петербург, полесно му било да ја сака Македонија и да искажува свои политички ставови (инаку, секоја му чест на образованието, знаењето и македонскиот патриотизам). Чуповски се залагал за самостојна Македонија, а не за нејзино приклучување кон Бугарија, Србија или Грција. Веднаш по амнестијата од 1914 година, под псевдонимот Стрезо, го нападнал Сандански претставувајќи го  како “бугарски агент, телохранител на Фердинанд и обичен криминалец“. Вакво сериозно обвинување треба да се чита како политичка полемика, а не како докажан факт. Значи, амнестијата како сомнеж дека соработувал со бугарската власт останува без основа, зашто докази никаде не посочил.

Покрај него, Крсте Петков Мисирков, во 1913- 1914 година пишувајќи во руската периодика, посебно во списанието “Македонски глас“ бил доста варијабилен во своите ставови, а секако и во своите писма и дневник. Тој ги критикувал политиките на балканските држави, но некои формулации ја поврзуваат Македонија со бугарскиот простор. Тој, за разлика од Чуповски не бил така експлицитен против Јане.

Третиот моментум. Во јуни 1913 годна неспоредно пред кризата што довела до Втора балканска војна, бугарските власти го испратиле Сандански во Албанија за да се побара заедничко дејствување против српските и грчките сили. Значи, тоа била “службена политичка мисија“ а не тајна средба со Фердинанд. За наводни тајни средби со царот, засега нема примарен извор (барем кај нас), или јасна потврда дека се случиле. Американскиот автор А. Сонниксен во 1918 година тврди дека “Сандански и неговите приврзаници се спротиставувале на политиката што довела до поделба на Македонија“. Всушност, Јане во 1913 година се нашол меѓу чекан и наковална оти соработувал со бугарската војска кога тоа можело да помогне за македонското револуционерно дело, но при тоа, секогаш се залагал за автономна самостојна Македонија, судирајќи се со бугарскиот национален проект. И уште нешто. Во еден бугарски историски напис што пренесува сведоштво за политичките активности на Сандански по Втората балканска војна, се споменува делегација во која и тој учествувале на средба со бугарските политички водачи Александар Малинов, Андреј Љапчев (ресенчанецот м.з.) и Иван  Гешов “за можни дејства против политиката на Фердинанд“. Ова е важно, како сведоштво за неговиот политички активитет.

Постои и тврдење дека пред Младотурската револуција, Сандански често го посетувал дворот, а за време на Балканските војни лично го придружувал Фердинанд во Серскиот крај. Оваа писание (како по мерка за полемиката на Чуповски м.з.) е од подоцнежни бугарски прикази, а досега на маса не се извадени примарни историски документи што создава сериозна резерва за вистинитоста. Верувам дека има основа за натамошно истражување, но од другата страна на границата. А нападот на Чуповски во неговата полемика, не е поткрепен со сигурен примарен документ. Што ќе рече, дали зад амнестијата стоел политички договор или обид за помирување? Idis redibis, nunquam bello peribis!

2. Атентатот и суштината на трагедијата за Пиринскиот цар

Дека се ближел крајот на “Пиринскиот цар“, можеби и можеше да се претпостави со амнестијата во 1914 година, во едно матно време на војна , со распространети солдатески најмногу на македонските простори (само на линијата на Солунскиот/ Македонскиот фронт имаше околу два милиони војници и друга колатерална логистика, за што претходно имаме пишувно м.з.). Уште повеќе, аналогиите на претходни убиства, атентати и ликвидации (главно братоубиствени), упатуваа дека човекот кој веќе осум години имаше одлука за смртна пресуда од Организацијата, кој по случај преживеа два атентата во Солун, беше само прашање на време кој, кога  и како “ќе му ја скрои капата“.

Прашањето е сосема легитимно за суштината на трагедијата- кој го организирал убиството, кој го извршил и дали зад одлуката стоеле старите внатрешни непријателства или интересите на бугарската држава, а уште повеќе двете заедно? Релевантните податоци фактографски потврдени се дека Сандански бил убиен во Пирин на 22 април 1915 година, во заседа кај месноста “Блатата“, на патот кон Неврокоп. Според податоци од Софискиот Регионален музеј се наведува дека атентатот го организирал неврокопскиот војвода Стојан Филипов, а како непосреден извршител се посочува четникот Андон Качарков. Но, во позадина како инспиратор се посочува Тодор Александров (веројатно со благослов на Софија). Александров и Сандански биле на спротивни страни во долгогодишниот судир на левицата и десницата од македонското револуционерно движење. После атентатот во 1907 година што го извршил Тодор Паница во Софија по наредба на Јане Сандански врз Борис Сарафов и Иван Гарванов, Сандански на конгресот во Ќустендил од 1908 година бил исклучен од ВМОРО и осуден на смрт, што ќе рече, веќе седум гоини постоела пресуда од организацијата и голема мрежа на непријатели. Во дел од историските прикази, убиството се поврзува со Александров и десничарските структури на ВМОРО ( Внатрешната македонско- одринска револуционерна организација м.з.). Во Зборникот со документи “Бугари заедно“ на страницата – Документи и сведоштва за убиството на Јане Сандански, авторите ги опишуваат околностите.  Каква била позицијата на бугарската власт? Во 1915 година Бугарија се подготвувала за влез во Првата светска војна (нели Фердинанд Први и германскиот кајзер Вилхем Втори биле роднини во нивните династиски преплети м.з.), а прашањето за Македонија било тесно поврзано со нејзината воена и дипломатска ориентација. Сандански имал сопствена политичка линија и стари непријатели меѓу десничарските дејци и царскиот двор. Значи тие би имале голема корист од неговата ликвидација, иако нема или се крие примарен документ за налог кон Александров или кон нивните воени структури. Останува нејасно, зошто Јане со толку големо револуционерно искуство, баш тогаш останал со сосема мало (лично) обезбедување кај “Блатата“?

Факт е дека Тодор Александров веќе цврсто и строго ја приграбил организацијата со десничарски методи, воено и милитантно силна, но со голема сервилност кон Софија барем за основната бугарска идеа – македонска револуционерна борба насочена против Србија, па можност (кога ќе се создадат услови) за присоединување кон “мајка Бугарија“. Но, очигледно се преиграл со потпишувањето на обединувачкиот идеолошки документ “Мајски манифест“ во 1924 година, па иако потоа се испишманил (или го натерале на демисија), веќе било предоцна и бил ликвидиран најверојатно од михајловистите, а Иван Михајлов од негов секретар, станал неприкосновен “господар“ на Организацијата и спровел жестоки ликвидации за да доживее длабока старост во Италија, како лојален Б`лгарин со фашизоиден поисход. Но, тоа е една друга тема.

Небитно е, ама некако ми се заврти во главата од многу штипјани – Тодор Александров од Штип, Иван (Ванчо) Михајлов од Штип, Киро Глигоров од Штип, Никола Кљусев од Штип, Мијалкови од Штип, Срџан Керим, исто така… Абе, што ќе да беше. Кај беа битолчани и што правеа? Мое извинување за дигресијата!

(Продолжува)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)