Во Студентскиот информативен центар на УКЛО во Битола се одржа јавна презентација на Истражувачкиот извештај од научноистражувачкиот проект „Употребата на дигиталните платформи и сајбер насилството во училишната средина“, реализиран од истражувачки тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука.
Во рамките на настанот, проф. д-р Ангелина Станојоска, проф. д-р Ице Илијевски, вон. проф. д-р Ивона Шушак Лозановска, вон. проф. д-р Благој Неновски, доц. д-р Андреа Здравковска и м-р Ана Џима како членови на проектниот тим ги презентираа клучните наоди.
Истражувањето беше спроведено во 32 основни и средни училишта од сите осум плански региони во Македонија, со посебен осврт на навиките на младите при користењето на дигиталните платформи, распространетоста на сајбер насилството, родовите разлики во виктимизацијата и начините на кои учениците реагираат и се справуваат со дигиталното насилство.
Фото: Дамијана Ристевска
Презентацијата беше проследена со дискусија за предизвиците со кои се соочуваат учениците во дигиталната средина, потребата од унапредување на механизмите за превенција и заштита, како и значењето на соработката помеѓу образовните институции, родителите и пошироката заедница.






