Press "Enter" to skip to content

Бојана Скендеровски со музика, емоции и љубов кон Македонија ја освои битолската публика: “Песната е моето оружје“

-Во Битола вечер исполнета со хитови, безвременски македонски евергрини, песни посветени на татковината и многу емоции приреди Бојана Скендеровски на концертот во Центарот за култура во Битола.

Битолската публика уживаше во нејзините добро познати хитови „Око мое“, „Во дилема“, „Љубов се пишува, љубов се брише“ и „Ми треба“, но и во македонските музички класици. Посебна емоција донесе делот посветен на Македониј, а за крај  „Заветна“ – песна што ја крена публиката на нозе.

На почеток на концертот Бојана испрати емотивна порака до публиката, откривајќи дека со Битола ја поврзуваат и семејни корени. Нејзиниот дедо потекнува од Битола, па токму затоа, како што рече, и самата се чувствува како битолчанка.-Секогаш со посебна радост сум во Битола. Со овој град и со битолската публика ме врзуваат убави спомени и многу драги моменти. Од секоја наша дружба носам убави мисли и спомени кои остануваат со мене. Верувам дека и овојпат ќе имаме вечер исполнета со многу музика, емоции и добра енергија, порача Бојана, на почетокот на концертот.

А потоа, сцената ја препушти на музиката! Концертот беше музичко патување низ нејзината повеќе од две децении долга музичка кариера, од нејзиниот блескав дебитантски настап на Макфест во 2003 година, кога победата ја освои со песната „Немам одбрана“, па сè до денешните хитови кои станаа препознатлив дел од нејзината музичка приказна. Бојана, која е двократна победничка на Макфест, со песната „Диви цветови“ триумфираше и во 2015 година.Потоа следуваа поп песните „Око мое“, „Нема јас да сфатам“, „Љубов се пишува, љубов се брише“ и „Ми треба“, потсетувајќи ја публиката на музичките моменти кои ја одбележаа нејзината кариера.Посебно изненадување беше појавувањето на сцената на Димитар Андоновски. Заедно приредија музички момент изведувајќи ја во дует  песната „Во дилема сум“. Димитар ја отпеа „Тајно моја“ од Тоше Проески, како и „Ако одам во Битола“, заедно со  публиката.

Вечерта продолжи со добро познатите македонски евергрини, песни кои со децении живеат во колективната музичка меморија и будат посебни емоции. Бојана ги потсети присутните на безвременските „Кога те нема“, „Само сеќавања“ и „Шила“, како и на прекрасната балада на Сашка Петковска „Бакни ме, бакни ме нежно“. Со овие музички класици, таа внесе доза носталгија, нежност и препознатлива македонска музичка емоција во концертната вечер.Посебно место во концертната вечер доби и делот од нејзиниот музички опус посветен на Македонија и љубовта кон татковината. Најавувајќи ги овие песни, Бојана ја истакна својата силна емотивна поврзаност со родната земја, испраќајќи порака која ја одбележа вечерта:

“Песната е моето оружје!“ Со оваа порака, таа ги најави „Роде мој“, „Дома“ и „Молитва“ од Виолета Томовска, песни преку кои ја изрази својата љубов кон Македонија и почитта кон македонската музичка традиција.

За големото финале, Бојана ја остави „Заветна“ – песната што ја крена целата сала на нозе и ги обедини сите во еден глас. Битолчани станаа, со емоција и гордост ѝ се придружија на сцената преку песната, пеејќи заедно со неа од првиот до последниот стих. Момент исполнет со силни чувства, заедништво и љубов кон македонската песна, кој на најубав можен начин ја заокружи концертната вечер и остави спомен што долго ќе се памети.

-Секогаш чувствувам голема одговорност кога настапувам пред битолската публика, бидејќи Битолчани имаат многу истенчен музички вкус и знаат да ја препознаат и вреднуваат вистинската песна. Оваа година неколку пати бев во Битола, но овој пат сум најречна, бидеји ова беше мој концерт, во сала – востински концерт. Секогаш имам трема во Битола, орд оваа битолска публика, а на битолчани ќе им порачам, останета какво што сте, најубај, ни изјави Бојана Скендеровски по концертот во Центарот за култура.Бојана Скендеровски од Битола си замина со уште една убава средба и спомени, а битолската публика доби вечер во која се испреплетоа музиката, носталгијата, љубовта и почитта кон македонската песна. Тоа беше концерт на кој не се броеја само испеаните хитови, туку и емоциите, аплаузите и заедничките моменти.

Жанета Ристевска текст

Фото: Сашо Ристевски – Дамијана Ристевска

Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo/?fbid=1762199088952243&set=pcb.1762201908951961

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »