Press "Enter" to skip to content

Компаниите што редовно исплаќале плати преку АЛТА банка АД Битола ќе можат да вршат исплата на плати и придонеси

Народната банка соопшти дека продолжува со постепено олеснување на условите за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола. Со најновата измена на Решението за администрација се овозможува исплата на плати, заедно со уплата на соодветните даноци и придонеси, за компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во Банката.

Оваа можност се однесува на компаниите за кои исплатата на плати преку „АЛТА банка“ АД Битола претставува воспоставена практика, односно кои континуирано ја користеле Банката за оваа намена и во трите месеци пред донесувањето на одлуката.

Исто така, износот на средствата кои може да се користат од платежната сметка на фирмата во „АЛТА банка“ за исплата на платите може да биде повисок до 5% во однос на вкупниот износ на платите исплатени во октомври.

На овој начин се овозможува продолжување на постојните текови на исплата и исполнување на обврските кон вработените и државата, а истовремено се задржува контролата врз одливите на средства од Банката.