Press "Enter" to skip to content

Епопеја за Јане – Пиринскиот цар за вечност (3)

Пред да продолжиме со хронологијата од периодот пред Илинден,  атенатот врз Сарафов и Граванов, па Хуриетот и релациите со младотурците, потоа со османистите и особено релациите со Димитар  Влахов, Балканските војни и на крај, денешните опсервации, историски, публицистички, но и политички, ќе се обидам да изнесам малку поинакви рефлексии за аферата “Мис Стоун“, а веднаш потоа нешто и за мемориските аспекти на паметењето, чествување и величење на пиринскиот цар.

5. Филмската приказна за Мис Стоун

Големата заложничка дарама со киднапирањето на американската протестантска мисионерка мис Елен Стоун во 1901 година што траела 173 дена, долго време привлекувала внимание во разни историски периоди на Балканот, но исто така во Америка и во Европа. После 57 години, во 1958 година снимен бил долгометражен игран  филм, во време кога Сандански цврсто бил вграден во официјалниот македонски и југословенски историски наратив. Тоа е првиот македонски долгометражен  филм во колор и “тоталскоп“, произведен од “Вардар филм“, во траење од 97 минути, во режија на Живорад Жика Митровиќ. Главните улоги ги толкуваа Илија Милчин како Јане, Олга Спиридоновиќ како Елен Стоун, Марија Точиновска ја играла Катерина Цилка, Илија Џувалековски Чернопеев, додека Петре Прличко бил Мандана. Сценариото го напишале  писателот Ѓорги Абаџиев и Трајче Попов во 1952 година, а  го доработиле Коле Чашуле и Јован Бошковски (1958). Филмот станал многу популарен со масовна посетеност во кино- салите, а на Фестивалот во Пула златна арена за најдобра женска и машка улога добиле Олга Спиридоновиќ и Петре Прличко, додека Василие Поповиќ – Цицо  добил награда за сценографија. Подоцна филмот бил прикажан во уште 23 земји и  признанија филмот добил во Единбург и Њу Делхи.

Бидејќи  во 1958 година Македонија сакала да го раскаже своето револуционерно минато, Филмот содржи глорификација на Сандански, пошто е прикажан како херојски и беспрекорен лик. Исто, глорифицирана е револуционерната борба без простор за контроверзии, славна и оправдана, а османлиите како репресивни. Во самата драматургија Сандански и комитите се носители на борбата за слобода, додека откупот не е користољубиво киднапирање, туку средство за набавка на оружје за револуционерната борба. Во филмот, Мис Стоун почнува да ја разбира и прифаќа страната на комитите, иако тоа е во целосна дискрепанца со нејзините “Мемоари“. Кинотека на Македонија филмот го става во “класицистичка поетика“, наспроти “Нели ти реков“ (1984) кој  е обид за демитологизација на комитската тема и “Прашина“ (2001) со постмодернистички пристап.6. Песните за Јане

Ги има навистина народни, но и авторски кои станале општо прифатени. Најпозната е     “Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански“. Таа е авторска композиција на Венко Темеќаров од 1960 година. Како македонска народна песна е означена “Излегол Јане прошетал“, каде што е прикажан како војвода низ Пирин со својата чета. Заедно со Гоце се појавуваат во песната “Стар бел дедо“, а таму е наречен “нашиот цар пирински“. Оваа песна била објавена во македонскиот учебник по музичко образование. Покрај “Славен Пирин недогледен“ за пиринскиот цар, како што се пее, “Излегол Јане Сандански“ е револуционерна песна што ја изведува ансамблот “Танец“. Финален заклучок е дека Јане е најопејаниот револуционер од Илинденскиот период во над 40 песни.

Дури и во 1943 година, Кочо Рацин ја пишува поемата “Сандански“ каде вели – ,,Во секое село, во секој град, го знае стар и млад- Сандански Цар Пирински“. Поемата е пронајдена во Лопушник, непосредно по трагичната смрт на Рацин  и објавена во неговата стихозбирка “Песни“ во 1946 година. Делото покажува како Рацин во зрелиот период ја воспева херојската врска меѓу Јане Сандански и Пирин Планина.  Дури и песната “Море сокол пие вода на Вардарот“, во најпознатата варијанта го споменува Јане – “Јане, Јане ле бело грло, Јане, Јане ле кротко јагне“. Таму се зборува за девет куршумлиски рани и десеттата од нож.  Оваа песна првобитно била народна и мотивот со соколот и Вардар е поширок. Тука станува збор за процес на народна традиција која јуначкиот мотив го поврзала со историската личност. Песната, во една варијанта, била испејана на радио во 1940 година од  крушевчанката Баба Наста Павлова. Инаку, најстариот запис за мотивот со соколот кај Вардар се наведува уште од 1837 година, а запишувач бил Петар Петровиќ Самоподлужанин. Ова е класичен доказ, како усната традиција ги пренела старите симболи врз новите историски јунаци, што не доближува до нашиот централен наслов ПИРИНСКИОТ ЦАР ЗА ВЕЧНОСТ.7. Пејо Јаворов за Јане

Пејо Јаворов (1878- 1914) бил бугарски поет, револуционер тесно поврзан со македонското ослободително движење. Роден бил во Чирпан, а учел во Пловдив и подоцна работел како телеграфист. Во 1897 воспоставил контакт со ВМОРО и станал близок соработник на Гоце Делчев, па дури учествувал и во Илинденското востание. Тој ја напишал првата биографија на Гоце Делчев во 1904 година, а како поет бил претставник на симболизмот. На крај имал трагична судбина во бракот со Лора Каравелова, оти таа извршила самоубиство 1913 година (или ја убил?), а потоа наредната година и тој си го одзел животот.  Првично бил близок со социјалистичкото движење, а подоцна животот му се испреплетил со борбата за ослободување на Македонија.

Релации со Јане? Во јануари 1903 година во Караќој, Јаворов бил заедно со Гоце и Сандански на советување за состојбите  во Серскиот округ и за прашањето за востанието. Јаворов бил на иста линија со Делчев за прераното  кревање на востание. Подоцна тој ќе се најде во четата на Сандански. По смртта на Гоце на 4 мај 1903 година кај Баница, односите на Јаворов со Сандански се влошиле бидејќи се обидел да посредува за спогодба на Сандански со врхивистот Урдан Стојанов, а овој го одбил . Претходно го одбил и за материјали и оружје што ги барал за во Драмско, па поради недоразбирањата го напуштил Серскиот округ и се вратил во Бугарија.

Во периодот пред Илинден ( јануари и февруари) бил заедно со Гоце и Јане, па покрај биографијата за Делчев пишувал и за Сандански. Во неговата книга “Ајдучки копнежи“ има детали за Гоце и луѓето околу него. Таму водел белешки како дневник, а особено е важен записот од 29 јануари 1903 година од Караќој. На тој состанок биле Гоце Делчев, Јане Сандански, Димитар Гуштанов и Јаворов. Расправа воделе одколу одлуките на Солунскиот конгрес за дигање на востание. “Сандански и Гушнов беа против теророт и колебливи за востанието. Делчев и јас бевме против востание…“.  Според него Јане бил колеблив. Пресвртот се случил по загинувањето на Гоце и Јаворов доаѓа во четата на Јане на Пирин. На почетокот, Сандански  и Гуштанов (најблизок соработник на Јане во Серскиот округ) ги нарекува како “двамата највлијателни луѓе во Сер“. Исто ќе рече, дека Сандански не бил човек кој едноставно би се покорил на Гоце по некоја расправа.

Подоцна, во писанијата вели дека Сандански станал претпазлив кон него, а тој понезадоволен. По расправијата за распределба на експлозивот за Драмско, кога Јане одбива да му  даде дел од материјалот, Јаворов му рекол дека го напушта округот и заминува за Бугарија. Од тој период, дури и постои фотографија од февруари 1903 година во Крушево- Серско, на која се заедно Гоце, Јане и Пејо. Потоа Јаворов се зближил со врховистите и се посветил на поезијата, за подоцна трагично да го заврши животот, а Јане го продолжил својот револуционерен пат за кој ќе следи наше натамошно проследување. Неговите записи, како што самиот вели, се само лична перцепција и мислење кое не претендира дека била апсолутна историска вистина.

(Продолжува)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.) 

More from ВестиMore posts in Вести »