Press "Enter" to skip to content

УКЛО Битола одржува годишна меѓународна научна конференција за целите за одржлив развој (AISC 2026) (фотогалерија)

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола денеска и утре во КИЦ „Офицерски дом“ ја одржува четвртата Годишна меѓународна конференција на тема: „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“.Овој научен собир на хибриден начин обединува академици, истражувачи и креатори на политики од земјава и светот, со цел да се поттикнат соработката и иновациите за одржлива иднина.Добредојде на учесниците им посакаа, ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, проректорот Горан Илиќ и постојаниот координатор на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.–Нашата годишна конференција има постојана тема, тоа е одржување, остварување на целите за одржлив развој, што ги поставија Обединетите нации како предуслов за развој, но и за зачувување на човештвото и цивилизацијата“ рече ректорот проф. д-р Игор Неделковски.Тој во изјавата за медиумите нагласи: Без лажна скромност, нашиот универзитет е водечки во државата во остварувањето на овие цели. Тоа го потврдува и нашето место на престижната светска ранг-листа Times Higher Education Impact Rankings, која го мери токму влијанието на универзитетите врз одржливиот развој. Бидејќи целите на ОН не можат да ги остварат само инженерите, информатичарите или економистите поединечно, нашата конференција е единствена по тоа што нуди вистински мултидисциплинарен пристап и ги вклучува сите професии.–Секоја година конференцијата носи нови содржини, а годинава е интегрирана и алијансата SustainED, нагласи проректорот проф. д-р Горан Илиќ.-Нашиот универзитет е основач и полноправен партнер на оваа алијанса на македонски универзитети, која функционира под покровителство на Обединетите нации и Канцеларијата во Скопје. На тематската сесија посветена на SustainED, меѓу другото, ќе се нагласи значењето на универзитетите во остварувањето на целите за одржлив развој, со посебен акцент на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кој претставува вистински пионер во овие иницијативи.Канцеларијата на Обединетите нации во Скопје е годинашен коорганизатор и поддржувач на настанот. Постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбија, порача дека младите и науката се клучни за просперитет и мир.–Ова е многу важно, бидејќи овие цели носат просперитет за државата, но се и начин да се обезбеди одржлив мир, што е една од главните цели на Обединетите нации. Ние ги поддржуваме Владата, граѓанските здруженија, но и академската заедница. Се надеваме дека уште повеќе млади студенти и истражувачи ќе се вклучат во вакви настани и со своите идеи ќе придонесат за поуспешно остварување на целите за одржлив развој.Главен говорник на свеченото отворање беше проф. д-р Лефтерис Топалоглу од Универзитетот на Западна Македонија во Кожани, Грција, кој зборуваше за искуствата од енергетската транзиција:-Ќе се претставам со презентација во која ќе зборувам за влијанието на зелената енергија и зелената транзиција врз пазарот на трудот. Целта ми е да ги објаснам клучните фактори кои влијаат на овие процеси, за што ќе споделам и конкретни емпириски податоци добиени преку еден проект на програмата „Хоризонт Европа“.На Конференцијата ќе бидат презентирани седумдесетина научни трудови, во повеќе тематски панели.