Press "Enter" to skip to content

“Вљубеник во светлината“ – монографија што го чува споменот за Ранко Струмениковски и неговото непроценливо творештво (фотогалерија)

-Вечерта 17 ноември во галеријата, музеј и ателје “Ранко Струмениковски“ во Битола покажа дека вистинските уметници никогаш не заминуваат целосно. Тие продолжуваат да живеат во своите дела, во приказните што ги раскажуваат нивните најблиски, во просторот што го оставиле зад себе и во генерациите што го наследуваат нивниот дух.Токму таква беше вечерта во Галерија   „Ранко Струмениковски“ – вечер исполнета со силни емоции, топли семејни спомени, солзи, насмевки и неизмерна љубов кон човекот кој остави длабока трага и како уметник и како татко и дедо.Најемотивниот момент беше присуството на неговото семејство, кое со особена гордост и љубов го чува споменот за својот Ранко. Ќерката Тања Струмениковска со сопругот Драган, внуките Тара и Теодора – Теа со своите сопрузи Ристе и Ник Аникис. Во прегратките на своите мајки  најмалите  членови на семејството, правнуките Меглена и Аурелија, внесоа посебна топлина, а најголемата Бистра  беше задолжена да ги чести гостите со бонбони.

Во прегратките на своите мајки, тие беа најубавиот симбол дека семејната приказна продолжува. Тие се новите генерации кои го носат неговиот ген, а можеби еден ден ќе ја наследат и неговиот талент и љубов кон уметноста.Оваа семејна средба, исполнета со љубов и спомени, беше најубавата увертира за одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Ранко Струмениковски и промоцијата на монографијата “Вљубеник во светлината“ од д-р Драган Ристевски.Настанот се одржа на 17 ноември, денот кога Ранко Струмениковски ќе го прославеше својот 90-ти роденден. Вечерта беше многу повеќе од промоција на една книга – беше средба со сеќавањата, со љубовта, со уметноста и со трајните вредности што ги остави зад себе големиот уметник.За значењето на семејната галерија, нејзиното создавање и богатата културна активност говореше д-р Драган Ристевски, автор на монографијата. Галеријата „Ранко Струмениковски“, сместена во реновираната семејна куќа, денес претставува посебен културен простор, во кој се спојуваат музеј, галерија и ателје, но и место каде што продолжува да живее уметничкиот дух на Ранко.-Во изминатиот период, овој простор беше домаќин на бројни значајни изложби и уметници. Меѓу нив се изложбите посветени на Васко Ташковски, Јован Димовски (1928–2000), почесен член на уметничката група ВДИСТ, и Перо Спироски – Пипо (1928–1995), исто така поврзан со оваа група. Публиката имаше можност да проследи и други значајни ликовни настани: „Битолски ликовни генези – ВДИСТ“, промоцијата и изложбата на Билјана Толевска Наумовска, изложбата на академската сликарка Лара Ташковска од Скопје, посмртната изложба на битолскиот уметник Илија Кочовски, како и изложбата на графики на доајенот на современото македонско сликарство, Александар Ацо Филиповски од Скопје, рече Ристевски и додаде:-Во галеријата свој простор добија и младите уметници, меѓу кои учениците од отсекот Јазично-уметничко „Б“ при гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, со завршната изложба „Уметничка хипноза“, под менторство на професорот по ликовна уметност Александар Поповски.Сите овие изложби и средби ја потврдуваат идејата дека галеријата не е само спомен на еден уметник, туку живо место за афирмација на ликовната уметност, млади таленти,  средби на генерации и за создавање нови културни приказни.

Д-р Драган Ристевски се осврна и на процесот на создавање и издавање на монографијата „Вљубеник во светлината“, најавувајќи дека ова издание ќе добие и свое продолжение. Така, делото на Ранко Струмениковски ќе биде дополнително документирано и доближено до идните генерации.Вечерта се обрати и  Ник Аникис, Владо Ѓоревски  -Рафик, Сашо Ристевски кои секој од свој аспект зборуваа за уметникот.Посебно трогателни беа спомените што ги споделија неговите внуки Тара и Теодора Теа. Со љубов и насмевки се присетија на својот дедо, човек со боемски дух, препознатлив по својот карактер, животната филозофија и големата љубов што ја имал кон своите внуки, негови миленички.Нивните зборови ја вратија присутната публика во еден поинаков свет – светот на семејните моменти, детските спомени и љубовта што не исчезнува со времето. А потоа, во особено емотивен момент, ќерката Тања Струмениковска, видливо возбудена, рецитираше песна посветена на својот татко. Момент во кој зборовите беа повеќе од поезија – беа израз на љубов, благодарност и неизмерна почит кон таткото, уметникот и човекот.-„Вљубеник во светлината“ не е само наслов на монографија. Тоа е најубавиот опис на човекот кој целиот свој живот ја бараше, ја создаваше и ја пренесуваше светлината преку уметноста. Ранко Струмениковски можеби денес не е физички меѓу нас, но неговата светлина продолжува да свети – во Битола, во неговото семејство и во секое дело што го остави како трајно наследство, рече Струмениковска – Ристевска.За “белградските денови“ на Ранко зборуваше ликовниот критичар Владо Ѓоревски кој како неколку пати досега ги потсети присутните за големиот ликовен капацитет на Ранко Струмениковски, кој создаваше во време кога немаше никакви технички помагала, туку целиот негов ликовен опус е создаден со рака, делсамо со хемиско пенкало, во уште е повреден во сегашно време, време на технологија, модерно време, време на вештачка интилегенција. Роден на 17 ноември 1936 година, Ранко Струмениковски е едно од имињата што оставија неизбришлива трага во културниот и уметничкиот живот на Битола. Со своето творештво, особено во областа на графиката и дизајнот, тој придонесе Битола да се препознае како град на графиката и дизајнот. Неговото авторство стои зад визуелниот идентитет на бројни познати битолски институции и компании, меѓу кои „Пелистерка“, „Битолатекст“, „Битолски весник“ и многу други. Секако најпознати се неговите графики кои и се дел од „Вљубеник во светлината“. 

Жанета Ристевска

Фото: Сашо и Дамијана Ристевска

Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo?fbid=1784212786750873&set=pcb.1784215066750645

 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »