Младата пијанистка и композиторка Андријана Арлен за првпат гостуваше во Битола, носејќи го својот музичко-сценски спектакл „Silver Night Tour 2026 со кој ја освои битолска публика.
Андријана Арлен, која повеќе од две децении живее и твори во Шведска настапи пред одбрана публика, која со внимание и искрено уживање ја проследи музичката приказна, насловена „Сребрена ноќ 2026“.
„Сребрена ноќ“ беше многу повеќе од класичен концерт – тоа е несекојдневен музичко-сценски спектакл во кој се испреплетуваат различни музички жанрови, уметнички изрази и сценски доживувања.

Покрај пијаното на Андријана Арлен, публиката имаше можност да ужива во настапите на саксофонистот Љупчо Станковски – „Saxman“, диџејот Зоран Николов – „Zorbital“.
Танчерската група „Анабела“ со впечатливи кореографии совршено се надополнуваа со музичките изведби, внесувајќи дополнителна енергија и динамика во концертната вечер.
Посебен уметнички момент беше заедничкиот настап на Андријана Арлен со битолскиот камерен оркестар „Дива“, под диригентската палка на Владимир Димовски. Спојот на пијаното и камерниот оркестар донесе посебна емоционална димензија, претворајќи ги музичките композиции во вистинско доживување.
Во текот на вечерта, Арлен ги изведе своите авторски композиции „Time for Goodbye“, „Memories of You“, „Missing You“ и „In the Silence of My Heart“, преку кои ја пренесе својата интимна музичка приказна, исполнета со спомени, љубов, копнеж и емоции.
Во заедничката изведба со Камерниот оркестар „Дива“, под диригентство на Владимир Димовски, беа претставени композициите „Time for Goodbye“, „Memories of You“, „Missing You“, „In the Silence of My Heart“, како и безвременските музички теми „Unfaithful“, „Love Story“ и „Ballade pour Adeline“.
Токму оваа музичка разновидност, од авторските композиции до познатите мелодии во нови аранжмани, му даде посебен белег на концертот.
Битолската публика со внимание го следеше настапот на младата уметница, која со својата музичка енергија, интерпретација и сценско присуство покажа дека класичната музика не мора да остане затворена во традиционалните концертни рамки. Вечерта заврши со силен аплауз за уметницата која за првпат настапи пред битолската публика.
По завршувањето на концертот Андријана изјави за нашиот портал:
-Сакам да и се заблагодарам на битолската публика за прекрасниот прием, топлината и енергијата што ги почувствував на сцената. За мене ова беше посебна вечер, бидејќи првпат гостувам во Битола, град со богата културна традиција и публика која знае да ја препознае и почувствува уметноста. Особено ме радуваше што публиката уживаше во нашата музичка приказна и што на крајот нè испрати со толку силен аплауз.
-Се надевам дека ова нема да биде моја последна средба со Битола. Би сакала во иднина повторно да се вратам, а посебна желба ми е еден ден да ја донесеме „Сребрена ноќ“ и на прекрасната Хераклеа, под летното небо, во амбиент кој верувам дека би создал навистина магично доживување, додаде Андријана Арлен.
Проектот е во продукција на “Инфера Студио“, продукциска куќа посветена на создавање современи културни настани кои ја поврзуваат македонската публика со меѓународни уметнички искуства и нови сценски форми.
Македонската турнеја „Сребрена ноќ 2026“ започна на 31 октомври во Народниот театар во Велес, вечерва концертот во Битола, а продолжува во Штип на 14 ноември. Турнејата ќе заврши на 7 декември во Македонската филхармонија во Скопје.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска
Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo/?fbid=1777428720762613&set=pcb.1777430994095719&locale=mk_MK











