Ретки се објектите во Битола за кои може да се каже дека постојат 100 години и се функција на битолчани, а еден таков е Шарена Чешма која се наоѓа на Баирот во Битола.Оваа чешма, и уште неколку, беа во функција се додека на Баирот не беше поставена водоводната мрежа, а покрај жителите на Баирот, нема битолчанец – намерник, кој тука не се напил вода и на ја угасил жетта.Деновиве баирчани кои живеат во овој дел на Баирот оваа чешма целосно ја реконструираа, Зоран Илиевски еден од организаторите на оваа акција вели:-Оваа чешма е дел од историјата на Баирот и на Битола, а тоа се гледа и по тоа што на чешмата во бетонот е запишана годината на изградба, 1923 година. Јас заедно со Томе Апостоловски, Аце Георгиевски, Иле Тантуљо и Панде Стојчевски ја започнавме акцијата да го поправиме камениот ѕид нас чешмата, околу Шарена Чешма и самата чешма. Секако и други комшии се приклучија, “кладоа рака“ што се вели, и сега имаме едно катче со кое можеме да се гордееме и да им раскажуваме на нашите потомци дека и ние сме дел од зачувувањето на оваа чешма, која трае 100 години, за која некои велат дека е споменик на Баирот.Сега се поставени и нови клупи, поправени се искршените делови, нова водоводна инсталација, поправен е камениот ѕид кој некој несовесен возач го размрда, или накратко баирчани имаа катче каде ќе се одморат, ќе се поприкажуваат.
С. Ристевски