Press "Enter" to skip to content

Битолчанецот Игор Сивевски со велосипед помина 1.000 километри од Виена до Сплит (фото)

На нашиот сограѓанин Игор Сивевски, авантурата му е предизвик уште од мали нозе. Авантурата му е адреналинот кој го одржува во секојдневието. Таа му е начин на живот и неразделен епитет од неговиот карактер. За него километрите се само именка но не и страв однивното освојување. Европската ширина и големина претставуваат само географски поими кои за него е… Ова е описот на човекот кој е економист по професија,нутриционист по душа кој има интернационално работно и животно искуство, а сепак најдобро се чуствува кога е во допир со природата..

Игор е вработен во оддел логистика во германска компанија, дипломиран економист, магистер од областа на меѓународна економија на универзитетот во Ница, Франција и четврта година на факултетот за нутриција во Велес – дисперзирани студии Битола, а неговата приврзаност кон овај спорт постои долго време но со вакви екстремни авантури започна пред 2 години.

Првата поголема авантура ја реализира во 2017 година кога сам со својот велосипед почнувајќи од Дубровник преку Јадранската магистрала, Црногорското крајбрежје и Албанските планини стигна до Битола.Ентузијазмот и задоволството од реализираниот подвиг не го оставија рамнодушен па веќе при крајот на 2017 година почнува со подготовки за наредната велосипедска тура од која што неодамна се врати.

Која е мотивацијата што ве инспирара да се решите на ваков подвиг?

-Желбата за слобода при која ги заборавате секојдневните обврски и самиот предизвик да се докаже дека на човек многу малку му треба да биде среќен и исполнет ме мотивираат да се решам да излезам од комфорната зона на секојдневниот живот. Номадскиот живот при кој што не знаете кога и каде ќе ви биде следниот оброк ниту пак каде ќе ја преспиете ноќта за мене има некоја посебна магија. Истовремено тоа ви овозможува одкога ќе се вратите во секојдневието повеќе да ги цените обичните работи, кои по навика и во секојдневното брзање забораваме да ги цениме.

Оваа велосипедска тура ја правевте низ неколку европски земји, па од каде ја почнавте турата и низ коиместа поминавте?

-Оваа година решив да ја зголемам километражата со тоа што започнав од Виена, па преку Словенија, Италија и Хрватска стигнав до Сплит со извозени 1000 км. Сето тоа го реализирав за 10 дена со просечно извозени 100 км на ден. Почнувајќи од Виена во насока кон Словенска граница, теренот беше прилично рамен, но словенскиот дел е скоро целосно планински и тука ги минав најдолгите денови на велосипедот каде останував понекогаш и до 11 часа. Од Словенија патот ме однесе накратко низ Италија, од каде што преку Трст се упатив за Хрватското крајбрежје. Од пристаништето Брестова се упатив на островот Црес кој на мое изненадување е целосно планински па долго очекуваниот одмор со возење на рамен терен покрај море не се реазлира. Од Црес со траект се упатив кон Задар од каде што продолжив до прекрасниот град Сплит. Работните обврски не ми дозволија да продолжам понатаму, па така од Сплит со автобус се вратив во Битола.

Како течат подготовките за еден ваков подвиг и која опрема е неопходна?

-Активен сум во текот на целата година па така можам да кажам дека не постоеја некои специјални подготовки. Со самото доаѓање на пролетта, некаде од крајот на месец март го зголемувам бројот на неделни тренинзи со велосипед со тоа што крајна цел ми е за време од тие 2 месеци да ја направам барем половината од километражата на предвидената тура. Од опрема, секако дека најважно е да се има исправен велосипед кој не мора секогаш да биде премногу скап. Сум видел и луѓе што прават и по 5000 км со евтини и стари велосипеди. Многу е важно да се направи правилен избор на работи што треба да се понесат за да не биде вкупната тежина многу голема. Нормално дека колку подолга е турата толку повеќе работи се потребни. За оваа десетдневна тура, носев околу десетина килограми во кои што спаѓаат неколку парчиња облека, кампинг опрема- шатор и вреќа за спиење, резервни гуми и неопходни работи за поправка на велосипедот. Опремата ја сместувам во специјални велосипедски торби, а ранец избегнувам да носам или доколку веќе носам го користам за ситни работи, како храна документи и слично.

Какви се вашите идни планови? Дали веќе размислувате за наредна тура?

-Би сакал да реализирам вакви подвизи барем еднаш годишно. Тоа најмногу зависи од работните обврски и слободните денови кои ми се на распологање. Доколку имам можност би ја зголемил километражата, а со самото тоа и времетрањето на турата. За следната година немам дефинирано дестинација но би сакал тоа да биде некоја поегзотична тура којашто ќе претставува предизвик и можност за посета на интересни места и запознавање на нови луѓе.

More from БитолаMore posts in Битола »