Press "Enter" to skip to content

100 години од пробојот на Македонскиот фронт или битката на Добро Поле (15 септември 1918 – 15 септември 2018), еднодневна џип екскурзија

На 15 септември се одржува еднодневната џип екскурзија “Битката на Добро Поле“, 100 години од пробојот на Македонскиот фронт, во организација на Здружението за запознавање и патување “ОФ РОУД-МАКЕДОНИЈА“ од Битола. За таа цел разговараме со Јове Парговски, преставник на ова здружение.

Кажете ни нешто повеќе за Македонскиот фронт и Првата светска војна?

-Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) бил фронт на територијата на Македонија, на која што се воделе вооружени судири во текот на Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Централните сили, во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година. Фронтот се протегал од Јадранско Море, преку Охрид, планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе, Беласица, долж реката Места до Орфанскиот залив во Егејското Море. Јужно од оваа линија биле стационирани силите на Антантата (француски, британски, српски, а подоцна и италијански и грчки единици), а северно биле Централните сили (бугарски, германски и австро-унгарски единици). Вкупно од двете страни на фронтовата линија биле стационирани околу 1.200.000 војници.

Каква била ситуацијата во Македонија во тој период?

-За време на Првата светска војна од сите делови на Македонија биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе, односно во српската војска околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади. Првата светска војна на некој начин значела и кулминација на лошата состојба во Македонија, која од крајот на XIX век била постојано во состојба на внатрешни немири и против своја воља била вклучена во сите воени конфликти кои се случиле на Балканот. Населението било преполовено од глад, болести и воени дејствија. Според одредени извори, за време на Првата светска војна, тогашна Србија (во чиј склоп била и Вардарска Македонија) има најголем процент на жртви, во сооднос со вкупното население (~4.5 милиони), односно 16.67% – 27.78% . Треба да се има во предвид дека овие статистики се однесуваат на цела територија на тогашна Србија, односно можеме само да претпоставиме дека делот во близина на фронтовата линија овој процент е далеку повисок. Голем број на градови и села се тотално уништени во тој период, со смртност над 60 % во одредени региони. Исто така, горенаведената статистика не ја зема во предвид епидемијата на Инфлуенца (Шпански грип 1918-1919) која на светско ниво зела повеќе од 50 милиони животи, а која слободно можеме да кажеме е директна последица на војната.

Зошто Добро Поле и 15 септември?

-Пробојот, а може да се рече и крајот на Македонскиот фронт се случил токму на Добро Поле и е настан со големо значење во историографијата на Првата светска војна. Петнаесет дена по битката капитулирала Бугарија, со која на 30 септември во Солун било потпишано примирје. Со ова на силите на Антантата им се отворил копнен пат кон Турција, која неможејќи да се брани потпишала примирје на 30 октомври, а и кон Австро-Унгарија, со која силите на Антантата потпишале примирје на 4 ноември. Примирјето со Германија било потпишано на 11 ноември 1918 г, со што се означува крајот на Првата светска војна. Според некои историчари, Битката на Добро Поле иако била неспоредливо помала воена операција гледано во однос со другите фронтови, истата довела до побрзо завршување на Првата светска војна. На 15 септември 1938 г, дваесет години по пробојот, Добро Поле го посетува делегација од Франција и поставува споменик (кој покасно исчезнува) на местото кое и денес е познато како „Бронзена рака“, а воедно интересно е да се спомене дека денес во Париз постои улица која е именувана токму Добро Поле (Rue Du Dobro pol), што е доказ плус за важноста на оваа локација. Исто така и Француските гробишта во Битола биле свечено отворени токму на овој датум во 1923 година.

Кажете ни нешто повеќе за споменикот “Бронзена Рака“

-Во село Градешница од кое потекнувам и јас добро е позната приказната за споменикот “Бронзена Рака“ кој во 1938 година бил поставен на Добро Поле. Според приказната, раката на некој војник била откината од граната за време на пробојот на Добро Поле, по што тој ја завиткал во платно и ја скрил под една карпа. Според кажувањата на селаните кога дошол 20 години покасно на истото тоа место, тој нашол мали коски под карпата. На тоа место тогаш бил поставен споменик, кај локалното население познат како споменик “Бронзена рака“. Споменикот покасно исчезнува, но помеѓу локалното население ден денес се кажува таа приказна, иако многу од жителите и воопшто го немале видено споменикот, па од приказната се добива впечаток дека се работи за бронзен споменик во облик на рака.
Многу години покасно во 2012 година оваа приказна станува повторно актуелна. Франк Роџер и Фабиен Шефе од здруженито на ветерани од Франција (“Association Nationale pour le souvenir des Dardanelles et Fronts d’ ORIENT”) со помош на локалното население ја откриваат карпата на која бил поставен споменикот и заедно со документацијата која ја објавуваат, фрлаат ново светло врз оваа приказна.
Имено војникот кој ја загубил раката бил Marcel Ganguilhem (1895-1949) познат под уметничкото име “Cel-le-Gaucher” во превод “Левак“. Марсел учествувал при пробојот во битките околу врвот Сокол каде ја изгубил својата десна рака. По војната користејќи ја само својата лева рака тој твори во Франција и изработува неколку споменици, од кои еден по повод 20 годишнината од пробојот е донесен во Македонија и поставен токму на Добро Поле, како би се одбележала важноста на оваа локација. Француската делегација била предводена од писателот Louis Cordier и броела повеќе од 200 ветерани од Добро Поле и Верден. Заедно со локалните власти била организирана свеченост и споменикот бил поставен на 15 Септември 1938 година, а воедно на тоа место и симболично била истурена земја која ветераните ја носеле од рововите во Верден. Според кажувањата на локалното население церемонијалните активности ненадејно биле прекинати од една телеграма за непријателски активности на Германија во предвечерието на Втората светска војна, по што делегацијата за брзо си заминала од Мариово.

Спомнавте дека постои иницијатива за обновување на споменикот?

-Моментално во Франција во тек е иницијатива за обновување на споменикот кој постоел на Добро Поле. Со подршка на фамилијата на Marcel Ganguilhem најдена е иста таква спомен плоча како онаа на Добро Поле, а мислам дека постојат и делови од оригиналниот калап. Веќе е изработена копија, која на на 14 септември 2018 ќе биде поставена на соодветна локација во Француските гробишта во Битола.

А зошто не на Добро Поле?

-На карпата на која стоела спомен плочата денес јасно се видливи трагите и нашата првична идеја беше да се обнови споменикот токму на оваа локација. Сепак, треба да се има во предвид дека Добро Поле во Мариово е на некој начин и заборавена локација, која годишно ја посетуваат помалку од 20 лица. Во Франција е изработена само една копија, која иницијаторите решија на 14 септември 2018 година да ја постават во Француските гробишта, каде би била достапна за поголем број на посетители. Сепак, се надевам дека во блиска иднина ќе успееме повторно да ја заживееме локацијата Добро Поле, што воедно е и една од целите на оваа екскурзија, па ќе успееме да поставиме една копија и таму.

Кажете нешто повеќе за екскурзијата.

-Еднодневната џип екскурзија на 15 септември 2018 г, се одржува со цел за одбележување на овој датум, како и за поголема промоција на регионот Мариово во областа на меморијален и рурален туризам. Стартот на екскурзијата е на 15 септември 2018 во 8:00 часот пред зградата на Општина Новаци, од каде учесниците со теренски возила се упатуваат кон Добро Поле. Патувањето во еден правец трае околу 3 часа, со кратки попатни паузи. Подолга пауза е планирана на живописна локација во близина на село Градешница, каде учесниците ќе бидат запознаени со дел од локациите каде се одвивале некои од поважните битки, како течел пробојот на фронтот, а воедно и за животот на локалното население за време на војната. На Добро Поле се посетува карпата каде бил поставен споменикот, а воедно од оваа локација има и добар панорамски поглед врз останати места во овој пограничен предел. По комеморативните активности, учесниците ќе се упатат кон село Зовиќ каде ќе имаат можност да пробаат традиционална храна во Етно куќата „Кај мостот“, а воедно и да се одморат и да уживаат во убавините на ова село.

Каков е досега интересот за учество?

-Има уште отприлика еден месец до настанот, а планираниот број на учесници е веќе пополнат 60%. Потврдени учесници се претставници од здруженија и медиуми од Франција, телевизиска екипа од Србија, претставници од Оф роуд здружение од Бугарија, гости и соработници од Македонија. Според нашето искуство, учесниците обично се пријавуваат во последната недела пред настанот, но за жал во овој случај тоа нема да биде можно. Бројот на учесници е ограничен, со цел на квалитетно одржување на сите активности.

Дали имате подршка од други институции?

-На наше барање Општина Новаци прифатија логистички да се придружат во организацијата на овој настан. Патот до Добро Поле е артерија за голем дел од територијата на Општина Новаци и во разговор со градоначалникот Љубе Кузманоски дојдовме до заклучок дека потребни се помали интервенции на истиот и воедно дека развојот на меморијалниот и руралниот туризам во Мариово е еден од начините да се заживее овој крај. Така на пример, ова лето е асфалтирана уште една делница од патот до село Градешница и остануваат уште околу 3 км, за истиот во целост да биде асфалтиран. Од овој пат, Добро Поле и голем број на локации во Мариово се оддалечени најмногу околу 20 км, што го прави овој регион особено погоден за организирање и на пешачки и велосипедски екскурзии. Село Зовиќ е позитивен пример како делови од Мариово можат повторно да заживеат и се надевам дека во соработка со Општина Новаци, ќе успееме да го примениме истиот пристап и во другите села.

Кој може да учествува на екскурзијата?

-На екскурзијата може да учествуваат поединци и групи од земјата и странство, кои сакаат да ја посетат оваа локација и да научат нешто повеќе за Првата светска војна и Македонскиот фронт. Членови на нашето здружение ја разгледуваат секоја апликација и поединечно одлучуваат дали истата ќе бие прифатена. Теренот е специфичен а сигурноста на посетителите е секогаш на прво место. Така на пример не се препорачува учество на бремени жени, стари лица и лица кои имаат проблеми со врат, грб или други здравствени проблеми и алергии. Условите за учество се јасно објавени на нашата веб страна и секој учесник мора да пополни пријава во која се согласува со истите. Исто така, како одговор на поединците кои сакаат да учествуваат на екскурзијата а немаат теренско возило, ја креиравме опцијата во соработка со туристички агенции и специјализирани превозници, да се обезбеди превоз и за овие лица.

Каде може да се најдат повеќе информации?

Повеќе информации околу екскурзијата и други активности на нашето здружение може да се најдат на нашата веб страна www.off-road.mk

Фото: Јове Парговски

More from БитолаMore posts in Битола »