Општина Битола и годинава ќе ја даде својата поддршка на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“, а градоначалничката м-р Наташа Петровска, која беше дел од лицата што се обратија по повод 39-тиот Интернационален фестивал на филмската камера, ја истакна поддршката која и годинава Општина Битола ја дава, како домаќин, на организаторите и учесниците на фестивалот.
-Ова е фестивал по кој што градот е препознатлив и фестивал со кој што се гордееме сите ние, битолчани. Токму затоа, Општина Битола несебично, заедно со сите јавни претпријатија даде поддршка на овој фестивал. Јас сум длабоко убедена дека фестивалот ќе ни донесе пријатни моменти, во кои ќе уживаме ние, битолчани, но и гостите. Фестивал, на кој ќе се сеќаваме и кој што само ќе биде најава за јубилејното издание следната година, рече Петровска.
На прес конференцијата, на која учествуваа и директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, Алесио Ликури, заменик шеф на мисијата на Амбасадата на Република Италија во РМ, Благоја Куновски-Доре уметнички директор и Владимир Ангелов, директор на кинотеката на Македонија беа соопштени имињата и на годинешното жири, како и двата големи јубилеи кои што ќе бидат одбележани за време на фестивалот – 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман и 60 години од филмот „Мис Стон“.