Press "Enter" to skip to content

Преку “Кугламе и сме среќни“ ќе се откриваат таленти за овој спорт меѓу деветто одделенците

Здружението на граѓани “Нови перцепции“ на 10 септември ќе започне со реализација на проектот  „Кугламе и сме среќни“ за афирмирање на кугларскиот спорт во Битола и Битолско кој ќе трае до крајот на календарската 2018 година, во соработка со Општина Битола, Општина Могила, Општина Новаци и кугларскиот клуб „Хераклеа“ – Битола.

Проектот овозможува бесплатно да започнат да куглаат 400 ученици кои во учебната 2018/19 година запишале 9-то одделение во основните училишта од трите Општини под надзор и тренерска работа на искусни кугларски тренери од Битола. Тренерската работа ќе биде директно раководена од страна на Игор Михајловски, кугларски тренер, специјалист за млади куглари.

 
ЗГ „Нови перцепции“ ќе го координира целокупнот процес и ќе ја олесне комуникацијата помеѓу сите страни.  Првиот филтер на кандидатите ќе биде направен после втората недела, каде ќе продолжат само оние ученици кои покажуваат афинитет кон овој спорт. Ќе продолжат 300 ученици, за на крај да бидат 100 кои ќе тренираат и ќе покажат најголем напредок, интерес, афинитет и талент кон куглањето.

Оваа група од 100 ученици ќе продолжи да тренира до крајот на календарската година со тренинзи кои ќе бидат усогласени со нивната психо-физичка подготвеност, а на истите ќе се работи по напредна тренерска програма.

Овој проект треба директно да придонесе во регрутирањето на нови млади кугларски таленти, да му помогне на кугларскиот клуб „Хераклеа“.

 
Сите активности на учениците, вклучувајќи ги тренинзите, обуките, турнирите, гостување во Скопје ќе бидат во целост покриени од страна на ЗГ „Нови перцепции“.