Со “Марш на надежта“, во организација на Лајонс клубовите од Битола слепите лица од Битола, го одбележаа Меѓународниот ден на белиот стап.
Со традиционалниот марш низ Широк Сокак, Лајонс клубовите од Битола и Здружението на слепи лица Битола го одбележаа Денот на белиот стап. 15. октомври е светски ден посветен на слепите лица и и лица со проблеми со видот. Целта е да се истакнат предизвиците со кои се среќаваат слепите лица и да се унапреди независноста на овие лица.
Лајонс клубовите многу години наназад се сметаат за „витези на слепите лица“ односно проблемите со кои се среќаваат слепите лица се еден од врвните приоритети на Лајонс клубовите во целиот свет. Во Битола има околу 220 лица кои се членови на Здружението на слепи. Лајонс клубовите се залагаат за создавање подобри услови за самостојно функционирање на слепите лица преку донации, креирање на пишани материјали на Брајово писмо, соработка со надлежните институции.
-Со овој марш испраќаме порака за разбирање и солидарност со слепите лица. Од едноставно овозможување нивно непречено движење па се до вработување и ангажирање на лицата со проблеми со видот – сите треба да подадеме рака и да помогнеме бидејќи овие лица се наши сограѓани, пријатели, роднини и заслужуваат да бидат еднаков дел од нашето општество. Како што многу пати и самите велат, слепите лица не гледаат со очи, ама гледаат со срце. Затоа, треба да им подадеме рака и да им овозможиме што е можно понезависен живот и нивно функционирање, изјави претседателката на ЛК Кабадаја Силвана Филевска.
Градоначалникот Тони Коњановски, посочи дека Општина Битола продолжува во континуитет со поддршка за слепите лица, во насока на поголемо олеснување во нивното секојдневие и додаде:
-Локалната самоуправа во насока на поголема соработка со слепите лица и лицата со оштетен вид, реализира активности низ повеќе програми, а посебно низ Програмата за социјална заштита. Годинава се обезбедени 60.000 денари поддршка за Ресурсниот центар за слепи лица кој е формиран со поддршка на УНДП и пет општини од регионот. Ангажирано е лице едукатор за Брајово писмо, со цел подобрување на образованието на слепите лица со што лицата кои покасно го загубиле видот и немале можност да се образоваат во специјално училиште за слепи лица, преку Проектот општествено корисна работа. Општина Битола исто така обезбеди бесплатен градски превоз за лицата со општетен вид, а исто така, општината покрива обуки за лични асистенти преку Црвен крст со што се зголемува бројот на лични асистенти како овие лица не би имале потешкотии при добивање на таа услуга. Во насока на подобрување на инфраструктура за лица со попреченост, уште еднаш напоменувам дека секој има можност да поднесе барање во висина до 61.500 денари, наменети за адаптација на дом или набавка на опрема согласно потребите на лицето.
Дракче Брдаровски, претседател на Здружение на слабовидни и слепи лица изјави:
-Во нашето здружение евидентирани се околу 260 лица од Општините Битола, Могила, Демир Хисар, Преспа. Имаме свои простории и активни се околу 50-60 лица. Денес 15 октомври се одбележува Меѓународниот ден на белиот стап. Ден посветен на признавање на значењето на белиот стап во животот на слепите лица и лицата со оштетен вид. Белиот стап е помагало која им овозможува на слепите лица и лицата со оштетен вид да се движат со увереност и независност. Традиционално овој ден нашето Здружение го одбележува повеќе од 30 години во Битола со овој марш по Широк Сокак. Оваа маршута која ја правиме да го одбележиме Денот на белиот стап, симболизира слобода, но го прикажува и успехот и можностите на оваа категорија граѓани. Со овој настан сакаме да се подигне свеста за лицата со оштетен вид како граѓани кои се активни во средината и да се промовира инклузивноста и да се нагласи важноста за еднакви можности за сите. Општина Битола ни излегува секоја година во пресрет и денес со нас е и градоначалникот Тони Коњановски кој беше заедно со
членовите на нашето Здружение на оваа маршута. Членовите на „Лајонс клуб“ се наши поддржувачи секоја година и нивната поддршка многу ни значи. Тие исто така маршираа денес со нас.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска
[ngg src=”galleries” ids=”2155″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″]






